Високиот процент вакцинирани граѓани во Кавадарци го намалува притисокот врз кавадаречката болница
09-11-2021 РЕГИОН

Изминативе денови во Кавадарци се бележи зголемен број на нови ковид позитивни случаи. Статистиката на МЗ покажува дневно по дваесетина нови случаи.

Информациите кои денеска ги добивме од ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кавадарци говорат дека во четвртиот ковид бран, кој започна од 28 јули годинава има вкупно заболено 1322 лица, а биле хоспитализирани 125 пациенти.

 

„Во нашата инфективна амбуланта во четвртиот ковид бран извршени се 6594 прегледи, а направени се 3871 тестирање со брзи антиген тестови. Во моментов активни се 308 случаи“ информира директорот на болницата, д-р Диме Коцев.

 

Тој додава дека во модуларната ковид болница слободни се 26 болнички кревети и нагласува дека доколку има потреба од дополнителен капацитет за прием на ковид позитивни пациенти со потешка клиничка слика, кои треба да се хоспитализираат, на располагање е и четвртиот кат од болницата со капацитет од 20 болнички легла. Доколку има потреба ќе биде активиран и тој.

 

Благодарение на големиот процент вакцинирани граѓани во Кавадарци,  притисокот врз болницата, споредено со други градови, каде има понизок процент на вакцинација е многу помал, за што говори и податокот дека има само 9 хоспитализирани пациенти.

 

До овој момент во Кавадарци со две дози се имунизирани 21.874 граѓани.

 

„Интересот за трета доза на вакцина од ден на ден се зголемува и до денес трета доза имаат примено 2163 граѓани“ вели д-р Коцев и напоменува дека досега нема пријавено никакви несакани ефекти од апликацијата на трета доза вакцина.


Aнгел Данов

 



Share

Додади коментар