Се трудиме да ги подобриме условите за работа на Армијата, рече денеска министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, која присуствуваше на вежбата “Македонски блесок 14” на армискиот полигон Криволак, заедно со началникот на ГШ на АРМ, генерал мајор Васко Ѓурчиновски.
-И покрај тоа што и нашата армија се соочува со многу предизвици, реално, според оценките на сите во НАТО, ова беше делот за кој што бевме добро подготвени, за кој имавме и резултати и за што веќе сме создале доверба. Тоа е резултат на многугодишен ангажман на сите вас од Генералштабот, до сите команди, до секој војник. Така да сакам да ви честитам и да ву кажам дека се трудиме и се трудам да ги подобриме условите за работа, за вашиот ангажман, да ја започнеме реалната модернизација на армијата, да покажеме дека армијата се грижи и државата се грижи за сите припадници. Кога организирате вакви настани и кога се покажувате во најдобро светло, ми давате и мене аргументи за да барам повеќе, за да обезбедам повеќе и затоа честитки и во името на сите останати, навистина ми беше чест и задоволство да се биде со вас и така продолжете и понатаму, им се обрати таа на учесниците во вежбата.
Во рамки на воената вежба “Македонски блесок 14”, денеска на армискиот полигон Криволак се демонстрираше нивото на борбена готовност на дел од декларираните единици на АРМ-декларирана чета на воена полиција и капацитетите за поддршка на операциите водени од НАТО. Токму тоа е и целта на оваа вежба, преку самооценување, согласно НАТО оперативните способности, да се демонстрира нивото на борбената готовност.
Во рамки на „Македонски блесок 14“ исто така се изврши увид во армиските можности за структурирање, функционирање и оспособеност на декларираната Копнена маневарска болница (КМБ), да одговори на побарувањата за претстојното НАТО медицинско оценување. На вежбата „Македонски блесок 14“ се изврши НАТО преоценување на „ниво 2“ на декларираната чета на Воената полиција, како и за првпат внатрешно медицинско оценување на декларираниот состав на Копнената Маневарска Болница со улога 2.
Декларираната чета на воената полиција е дел од силите на Концептот на оперативна способност на НАТО, па како негов составен дел подлежи на валоризација на своите персонални и материјални капацитети согласно НАТО стандардите. Во 2015 година, единицата ја потврди оспособеноста за рамноправно учество во операции за поддршка на мирот, а на оваа вежба се стреми да ја потврди борбената готовност и со тоа по вторпат да го покаже професионализмот, што е неодвоив дел од функционирањето на единицата, појаснија армиски претставници.
-Како мал куриозитет би го истакнал фактот дека во 2008 година, токму оваа чета на воената полиција и средниот пешадиски батаљон , ја отворија вратата на процесот на континуирано потврдување на интероперативноста и борбената готовност на дел од единиците на АРМ, во рамки на концептот за оперативни способности. Низ серијалот на национални вежби “Македонски блесок”, успеавме да го кренеме нивото на обученост на декларираните единици, но исто така постигнавме и високо ниво на подготвеност за планирање, организација и реализација на меѓународни вежби, рече генерал мајор Павле Арсоски, командант на ЗОК.
Покрај оваа вежба која се изведуваше оваа недела и билатералната вежба “Предизвик” со Армијата на Словенија во 2018 година, припадниците и единиците на здружената оперативна команда, нагласи, учествуваа во 15 меѓународни вежби од кои 10 штабни и пет теренски.
-Во согласност со планот за 2019 година, планирано е зголемување на учество на околу 20 меѓународни вежби, акцентот го ставаме на две вежби за нивно планирање и организација кои ќе се реализираат во Македонија.За двете вежби тимовите за планирање од ЗОК веќе работат со полна пареа. Овие амбициозни прокеции се само доказ повеќе за позитивните придобивки од нашиот успешен од низ концептот на оперативните способности за НАТО пресликан преку серијалот на вежби Македонски блесок 2014”, додаде Арсоски. Во рамки на вежбата, на денот за високи гости, присуствуваа високи национални воено-политички претставници.
Светлана Дарудова
Додади коментар