Многу лозари грозјето оваа година го оставија на лозовите површини бидејќи немаа каде да го продадат. Пропаднаа големи количини на винско грозје. Произвоидителите на грозје велат дека ова е една од најлошите години од кога се занимаваат со лозарство.
Се почесто лозарите размислуваат да ги напуштат лозовите насади, бидејќи како што велат, само вложуваат мака и пари и на крај нивното производство е обезвреднето од винарските визби. Ова наметнува сериозно прашање, дали годинашниот проблематичен гроздобер ќе предизвика пропаѓање и намалување на лозовите површини.
Вчера МЗШВ најави нова стимулативна мерка за визбите за да откупуваат смедеревка. Ќе им се исплатат по 2 денари за килограм откупено грозје од ова винска сорта. Лозарите не се многу задоволни од ова мерка. Коментираат дека исто како и претходната, кога се најавија 3 денари за килограм вранец помош од државата и ова субвенција нема да помогне да се купи преостанатото грозје.
Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков не биле собрани уште 20 до 30 милиони килограми грозје од сортата „смедеревка“.
Субвенции ќе може да добијат оние винарски визби кои се запишани во регистарот и кои ги имаат намирено финансиските обврски кон производителите. Тие ќе треба да откупат минимум еден милион и 500 илјади килограми грозје од оваа сорта.
„Смедеревката“, како што рече Цветков, ќе се откупува според договореното, односно 11 денари за 17 шеќерни единици. Ако грозјето е со повеќе од 17 шеќерни единици, тогаш откупната цена ќе биде повисока за 0,65 денари, а доколку е пониска, цената ќе се намали за 0,65 денари.
Ангел Данов
Додади коментар