Жителите од селото Ваташа повторно реагираат на гласините дека е планирана нова сеча на шума околу манастирот Свети Никола во Моклиште од околу 300 м3. За ова расправаа и советниците на месната заедница и донесоа заклучок дека не смее да се дозволи сеча, бидејќи со тоа се загрозува манастирот. Посебно загрижува тоа што местото каде се планира нова сеча е ерозивен терен и постои опасност од лизгање на земјиштето што е дирекнта закана за манастирот.
„Ние како месна заедница знаеме дека имотот околу манастирот е сопственост на МПЦ, но и МПЦ треба да знае дека овој манастир е во атарот на селото Ваташа. Нашите дедовци и прадеовци го изградиле и се грижеле за него, ние сме православни верници и нема да дозволиме некој тоа да го уништува. Исто така треба да се знае дека овој манастир е заштитен со закон и тој е културно историски споменик. Затоа не смее ништо околу него да се уништува. Со уиништувањето на шумата се прави и еколошка катастрофа, се уништува животинскиот свет кој живее таму“ се вели во обраќањето на советниците од месната заедница до јавноста.
За ваков проблем ваташани реагира и летото. Тогаш беше направен пустош на шумата над манастирот, но по реакциите на жителите сечата беше запрена.
A.Данов
Додади коментар