Василица се славеше во Тиквешијата
14-01-2014 РЕГИОН

Се распламти василичларскиот оган во објектот „Детелинка“ во  градинката „Рада Поцева“ во Кавадарци. Најмладите маскирани,  со коледашки во рацете развија оро околу огнот. Уште од мали нозе се учат да ја почитуваат традицијата која се негува во овој крај. Пееја василичарски песни, порачаа да имаме бериќетна година и полни амбари со жито.

Не само во градинката, Василица се славеше и во селата Ресава, Бегниште, Сопот, Дреново. Таму пак, од синоќа започна дружењето на џаламарите и останатите жители на селото. Се запали василичарскиот оган и започна дружењето, негувањето на василичарските обичаи. Греана ракија и вино, баник и колбаси,  беа дел од менито. Џаламарите играа џаламарско оро, а утринава шетаа низ домовите на своите соселани. Таму добиваа вино, ракија, колбаси, месо, ореви и пари.Со силната врева која ја ствараат џаламарите со ѕвонците-клопотарци,  постои верување дека ги бркаат лошите духови.

  Во селото Сопот годинава  имаа гости и од Србија и Бугарија. И тие беа задоволни што можат да ја научат традицијата и обичаите на нивните домаќини.

Џаламарите се маскирана група составена исклучиво од мажи која оди на сред село каде што владее „светот на мажите“. На секого му е дозволено да прави што сака, а еротското се манифестира доминантно. Секој однадвор кој ке се обиде да ја грабне Невестата,  која не е ниту жена ниту маж, мора да биде казнет, удрен со стапот или со нога.  Ангел Данов

 



Share

Додади коментар