13 милиони евра ќе тежи општинската каса за 2017 година. Советот на општина Кавадарци со 13 гласа „За“, 4 „против“ и 1 „воздржан“ го усвои буџетот за следната година.
Опозицијата обвини дека поврторно бил креиран амбициозен буџет, а градоначалникот Александар Панов посочи дека бил подготвен реален буџет. Тој даде образложение на планираното собирање и трошење на народните пари. Рече дека првично буџетот бил планиран на 799.051.000 денари, а по прифаќањето на неколкуте амандмани од опозицијата и од мнозинството во советот буџетот достигна ниво од 809.596.000 денари или околу 13 милиони евра.
„Основниот општински буџет е предвиден на 412.422.000 денари. За капитални расходи се планирани 190 милиони денари“ рече Панов и пред советот ги презентира предвидените проекти кои ќе се реализираат следната година во делот на комунална изградба во урбаните и месните заедници.
Панов се осврна и на капиталните проекти планирани за 2017. Најави изградба на нова детска градинка, доизградба на кејот на реката Луда Мара, доизградба на колекторскиот ситем, реконструкција на зградата на противпожарната единица, изградба на пешачки мост на ул. Шишка, реконструкција на училиштето во Марена и реализирање на проектот за последниот мост од Ваташа кон Моклиште.
„Во изминативе години кажувавме дека се носат амбициозни буџети и имате нереално предвидување. Лани се реализира буџет од 9 милиони евра, а сега повторно се предвидува буџет од 13 милиони евра. Потребно е да носиме реален буџет кој ќе може да се реализира“ рече советникот од СДСМ, Зоран Бањански и подвлече дека со нереалниот буџет се креирала слика дека постојано нешто се градело.
Советникот Сашко Петров презентира повеќе амандмани. Дел од нив беа прифатени од градоначалникот, а дел одбиени.
Градоначалникот по усвојувањето на буџетот им се заблагодари на советниците што го прифатија предложениот буџет.
На денешната седница беа усвоени одлуката за извршување на Буџетот на општина Кавадарци за 2017 година, одлуката за утврдување на вредност на бодот на платите на административните службеници, буџетскиот календар за подготовка и донесување на буџетот за 2018 и одлуката за благајнички максимум.
Беа усвоени и програмите за уредување на градежно земјиште, за јавни и комунални дејности, за изградба, реконструкција и одржување на локалните патишта, како и програмите за јавна чистота и јавно зеленило. Советниците ги разгледаа и усвоија и програмите за дезинфекција, дезинсекција и дератизација, за управување со отпад, програмата за развој на општината и за развој на невладиниот сектор и програмата за изработка и донесување на урбанистички планови.
Со амандманска интервенција на советниците од опозицијата измени претрпе предложената програма за одбележување на годишнини на значајни настани и личности во општината. Тие предложија програмата да биде надополнета со одбележување на родендените на ликовниот уметник Ристо Соколов и на академскиот сликар Глигор Чемерски.
Советот донесе одлука и за надоместување на трошоците на граѓаните од општината кои набавиле горилник на плин за печење ракија.
На денешната седница на дневен ред беа и програмите за култура и за социјална заштита и одлуката за избор на најповолна понуда во постапката за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за давање услуги на паркирање. Одлуката за избор на најдобар понудувач за зонкото паркирање беше усвоена до 11 гласа „За“ и 5 „против“ Опозицијата побара оваа точка да биде повлечена од дневен ред за да се подобреле одредени критериуми во тендерската документација, но таквиот предлог не беше прифатен.
Подршка доби и програмата за работана домот на културата „Иван Мазов Климе“ за следната година. По предлог на опозицијата беше прифатено, на завршната изложба на Здружението на ликовни уметници на град Кавадарци да се доделува награда „Глигор Чемерски“ секоја година за најдобри постигнувања на одреден уметник кој покажал резултати во годината.
Едногласно беа усвоени и програмите и финансиските планови за работа на ЈП Комуналец и МЏЕЦ „ЛУкар“. Советникот Сашко Петров поднесе амандман за програмата на „Комуналец“ со кој побара во населбата Моклиште да се изгради канализациона и водоводна мрежа. Амандманот беше прифатен од директорот на ЈП Комуналец, Илија Атанасов кој нагласи дека прво е потребно општината да изготви документација, а Комуналец имал пари за да се реализирал тој проект.
Претседателката на советот Горица Пеливанова Вилхем упати благодарност до советниците и до службите на општина Кавадарци за соработката во оваа година, а воедно упати честитки по повод новогодишните и божиќните празници до сите граѓани.
Ангел Данов
Додади коментар