Бербата привршува - нервозите кај лозарите не завршуваат
15-10-2016 РЕГИОН

Сеуште главна тема на секој разговор во Кавадарци и цела Тиквешија е бербата и октупот на грозјето иако веќе гроздоберот се приближува до крајот. Лозарите ќе ја запаметат 2016 година како најпроблематична. Добија квалитетен род и тоа годинава прионосите беа одлични, но грозјето немаше кој да го откупи.

 

 

Големи количини вранец скапаа на лозјата, а ист е случајот и со смедеревката која сеуште се прибира. Многу лозари кажуваат дека ова е последна година да произведуваат грозје, бидејќи нервозите и маките со кои се соочија годинава никогаш претходно ги немало.

 

 

„Оваа година се молиме буквално да го дадеме грозјето. Не прашуваме ништо друго, ни кога ни колку ќе ни го платат. Има откупни пунктови кои не ни издаваат никаков документ дека сме предале грозје, но сепак самите сме виновни“ комњентираат лозарите.

 

Министерот за земјоделство, Михаил Цветков на почеток на гроздоберот кога беше во Кавадарц убедуваше дека ќе се откупи секое зрно грозје и дека со законските измени проблемите ќе биле минато. Но, напротив, проблемите се продлабочуваа, откуп немаше. На сите откупувачи кои доаѓаа од страна им се вршеа сериозни контроли и се казнуваа – обвинуваат лозарите.

 

„Со законските измени ќе се олесни наплатата на побарувањата кои ги имаат лозарите за предадено грозје и ќе се надминат одредени проблеми што се јавуваа кога грозјето се продаваше на откупувачи кои вршеа откуп во име на одредени винарници“ рече министерот Цветков при посетата на Кавадарци за време на манифестацијата „Тиквешки гроздобер“.

 

Тој тогаш прогнозира добар род кој ќе тежи од 160 до 180 милиони килограми и ја убедуваше јавноста дека уште во мај, Министерството заедно со лозарите и винарниците ги направиле подготовките за бербата на грозје и дека било договорено грозјето да се исплаќа на три рати од кои првата на 15 декември, кога треба да се исплатат 20 проценти од продадениот род. Цветков беше дециден дека доколку не се почитува рокот, винарницата ќе ја изгубеле лиценцата и сите приливи што ќе ги добивала визбата  од продадено вино, ќе оделе  за исплата на ратата за лозарите. До 15 февруари мора да се исплатат 40 отсто од откупеното грозје, со истото правило, а остатокот до крајот на април – рече Цветков.

 

„Ќе ги направиме сите напори грозјето да се откупува по шеќерни единици. Како ќе се зголемуваат шеќерните единици, така ќе се зголемува и цената по килограм грозје. За вранецот по 0.68 денари по една шеќерна единица, а за смедеревката по 0.65. Ова го направивме поради тоа што сакаме да имаме лозари кои ќе произведуваат квалитетно грозје од кое може да се направи квалитетно вино, изјави во почетокот на гроздоберот од Кавадарци, министерот за земјоделство Цветков.

 

На терен состојбите сосема поинакви. Откупувачите и визбите не примаа грозје со пониска шеќерност, а откупот беше со тешкотии и застој. Опозицијата  бараше државата да направи интервентен откуп на грозјето со цел да не пропадне годинашниот род, но такво нешто не се случи. Единствена мерка што беше превземена беа субвенциите од  3 денари за откупен вранец и 2 денари за килограм откупена смедеревка, но субвенции за визбите, не за лозарите, бидејќи надлежните оцениле дека со тие мерки ќе се стимулирале визбите да откупат повеќе.

 

Стручњаците велат дека е жално сето она што им се случува на македонските земјоделци. Се бортат со временските прилики и неприлики за да произведат и потоа нивниот труд и вложени средства се обезвреднуваат.

 

„Час поскоро државата мора да подготви стратегија за аграрот. Младите ни бегаат од државата, не сакаат да слушнат да се занимаваат со земјоделство бидејќи не сакаат да бидат понижувани од откупувачите  трговци“ вели проф. Др Ристо Вучков.

 

Решавањето на проблемите на лозарите треба да започне веднаш по завршувањето на бербата, за да не се случи иста состојба и следната година.  Но тие сметаат дека се оставени сами на себе, немаат вистински лидер кој ќе ги поведе, а политичарите мислат на нив само за време на избори бидејќи ги гледаат само како гласачко ливче. Велат дека нема да прифаќаат празни муабети и ветувања. После проблемите од оваа година добро ќе размислеле дали да гласаат и за кого.

 

Aнгел Данов

 



Share

Додади коментар