Барањето на ИГМ за ладна валалница се разгледуваше на состанок со премиерот Заев
25-08-2018 РЕГИОН

 

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, и заменик претседателот во Владата на РМ задолжен за економските ресори Кочо Анѓушев, вчера вечер остварија средба со граѓаните, граѓанските здруженија, советниците на општина Кавадарци и градоначалниците на општините Кавадарци и Неготино, како и со менаџментот на компанијата ИГМ, партнер на компанијата JSW.

 

Иницијатори на оваа средба се двете локални самоуправи, Кавадарци и Неготино, како и од менаџментот на компаниите партнери ИГМ и JSW, кои подолго време не успеваат да го решат стартувањето на инвестицијата комлекс ладна валалница, вредна 60 милиони евра, и во која првично ќе се отворат 250 нови работни места.

 

На аргументот на советниците на општина Кавадарци дека тие не се убедени во еколошките аспекти на инвестицијата и дека затоа не се согласуваат за нејзината локација да одобрат пренамена од Г2 (лесна индустрија), во Г1, односно во зона за тешка индустрија,Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев на почетокот нагласи дека тој и владата немаат намера да ја оспоруваат работата на локалната самоуправа во нејзиното законско право да онесува одлуки, но побара од ИГМ дополнителна презентација и аргументација за еколошките аспекти на инвестицијата за да им помогнат на советниците да најдат решение.

 

„За Владата на Република заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните, е секогаш врвен приоритет. Истовремено, водејќи сметка за овој приоритет, создавањето услови и поддршка за странски и домашни инвестиции како придонес за економскиот раст на државата и за развој на стандардот на граѓаните и на отворањето нови работни места во единиците на локалната самоуправа. Во насока на остваување на овие приоритети, ние секогаш ќе настојуваме да ги заштитиме интересите на граѓаните, но и интересите на инвеститорите, и да ги приближиме разликите до решение еднакво прифатливо и за граѓаните и за компаниите“, порача премиерот Заев на средбата со претставниците на локалната самоуправа, со граѓаните и со претставниците на ИГМ и JSW.

 

Претседателот на Владата на РМ Заев, потсети треба да се има предвид дека инвестицијата комплекс за ладно валање не може да стартува додека не добие А-интегрирана еколошка дозвола што ја издава Министерството за животна средина и која се добива врз основа на претходно обезбедени и исполнети еколошки стандарди, и дека тоа е дополнителна гаранција за незагадувачка индустрија. 

 

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека покрај добивањето на дозволата, која е процес за контрола сам по себе, постојат и сероја на други механизми со кои може да се контролира и гарантира квалитетот на животната средина, посочувајќи им на граѓанските организации и локаланата самоуправа дека можат својата согласност да условат со резултати од мерни станици кои може да се обезбедат, квартални контроли на инспектори кои како законски механизам и денес постојат, и сл.

 

Претставниците на ИГМ на средбата изразија загриженост бидејќи одлагањето на стартот на работите веќе создава загуби, додека пак советниците и граѓанските организации истакнаа дека можеби решение е нова локација за фабриката.

 

Од компанијата ИГМ и од страна на инвеститорот убедуваат дека современата технологија која ќе се применува, не е загадувачка. Како дополнителен аргумент за еколошкиот аспект на целиот проект, ги истакнаа енергенсите кои ќе се користат за работа на фабриката – струјата и гасот, како еколошки чисти енергенси.

 

„Убедени сме дека не постои прашање за кое нема одговор, или решение кое ќе биде од интерес на секоја засегната страна. Го поздравуваме интересот на компанијата JSW од Индија, која заедно со партнерот ИГМ од Кавадарци, да ја реализира инвестицијата на комплексот за ладно валање вредна 60 милиони евра, со бизнис план кој предвидува приходи од 200 милиони евра годишно и директни и првични вработувања на 250 лица од општината“, истакна премиерот Заев во завршницата на дебатата.

 

  • Градоначалникот на Општина Кавадарци г-дин Митко Јанчев смета дека за оваа одлука треба да се прашаат лично граѓаните. "Советот на Општина Кавадарци заедно со Градоначалник донесуваат одлуки кои се во полза на целата општина. Но некои прашања и проблеми се чувствителни и за нив е потребно повеќе време и внимание. Сметам дека најдобра постапка во овој момент е јавна анкета преку која граѓаните сами би ги кажале своите ставови а инвеститорот би ги удостоил со детална презентација за планираните но и идни активности.”

 

Советниците на општина Кавадарци, потенцираа дека како нардони избраници, мора да го слушаат гласот на граѓаните, и побараа од инвеститорот да организира јавни настани на кои ќе има можност да ги чуе ставовите на граѓаните изворно. Граѓанските организации и еколошките друштва, експлицитно истакнаа дека заштитата на животната средина мора да стане норма, и побараа од локалната самоуправа и инеститорот да организираат јавни расправи на кои ќе се презентираат сите контролни механизми за заштита на здравјето и животната средина. 

 

Соговорниците на средбата на крајот се договорија дека ќе формираат заеднички работни групи за да ги разгледаат сите опции кои ќе овозможат старт на инвестицијата, но и гарантирана безбедна технологија која нема да ја загрози животната средина во регионот.  

 



Share

Додади коментар