Пред официјалниот старт на грејната сезона од територијалната противпожарна единица Кавадарци стигна апел до сите граѓани да направат целосна проверка на состојбата на оџаците, да ги исчистат, но и да ја проверат исправноста на електричната исталација.
„Задолжително пред користење оџаците да се исчистат. Да се направи проверка во поткровјето околу изведбата на оџаците и дали во нивна близина поминува дрвена греда, дали истите се добро малтерисани и сите лесно запалливи материјали да бидат отстранети од близина на оџакот“ апелираат од кавадаречката против пожарна единица.
Исто така им се напоменува на сите сопственици на куќи со т.н „каре таван“ да обрнат поголемо внимание на оџаците и да ја проверат електричната инсталација.
„Станарите од станбените згради да ги надминат недоразбирањата со соседите, да ги исчистат оџаците и сите дрвени плакари кои се до оџаците да бидат отстранети, бидејќи доколку се запали оџакот се ослободува температура над 1000 степени и лесно може да дојде до запалување на дрвените предмети во близина на оџакот“ укажуваат пожарникарите.
Исто така во нивниот апел се напоменува станарите да ослободат пристап до таваните и подрумските простории, а за било каква помош или информација да се обратат на телефонскиот број 193.
А.Д

Додади коментар