Алпинистичка Балканијада во Демир Капија
28-10-2013 РЕГИОН

Од 24 до 27 Октомври 2013 година во живописната Демиркаписка клисура се одржа Алпинистичка Балканијада 2013 во организација на македонската алпинистичка федерација и алпинистичкиот клуб “Плоча” со помош на спортскиот клуб “Клисура” од Демир Капија, со поддршка на општината Демир Капија. На овој фестивал се натпреваруваа учесници од Македонија,Бугарија,Холандија,Америка и Русија. Целта на Балканијадата е зајакнување на пријателството и размена на искуства, промовирање на здрав спортски начин на живот, развој на карпестата област Демир Капија како перспективно место на Балканот за обука на алпинисти, спортски качувачи, туристи и љубители на активности во природа.

 


По завршувањето на натпреварите во домот на културата Мирка Гинова од Демир Капија беа прогласени најдобрите натпреварувачи кои се натпреваруваа во две категории и тоа за качување на долги стази на висина од 50 до 300 метри и технички мајстори во качување каде што натпреварувачите ја покажаа вештината во качувањето. Учесниците ги поздрави градоначалникот Трајче Димитриев кој им ги додели наградите на најдобрите натпреварувачи кои зедоа учество на Алпинистичката Балканијада Демир Капија 2013.

 

„Чест ми е што и оваа година по втор пат ,а се надевам во иднина и традиционално успешно се реализира овој меѓународен настан „Алпнистичка балканијада Демир Капија 2013“.За гостите кои првпат престојуваат во Демир Капија,сигурен сум дека импресиите од природните убавини со кои изобилува нашиот крај како и гостопримството на месното население,ќе ве натераат повторно да дојдете.
Демиркаписката клисура,карпестите предели како природни реткости кои природата овде ги создала, се единствени на Балканот и предизвик за сите алпинисти, љубители на природата и качувачките спортови.Се трудиме да овозможиме подобри услови за развој на рекреативниот алпинистички туризам, како една од приоритетните програмски определби на општина Демир Капија да создадеме центар за обуки на алпинисти и спортски качувачи.  Се надевам дека од година во година овој меѓународен настан ќе биде се помасовен, а ние како општина ќе се трудиме да ви овозможиме подобар престој како добри домакини“ рече градоначалникот на Демир Капија, Трајче Димитриев.

 


На алпинистичката балканијада зедоа учество шест натпреварувачи од спортскиот клуб клисура од Демир Капија каде што Ристе Камчев и Александар Кленов го освоија третото место во качување во двојки, а спортскиот клуб Клисура доби и пехар за најдобри резултати на клуб.

Петре Пашоев



Share

Додади коментар