Митрополитот на Повардарската Епархија г.Агатангел денеска се приклучи на педесеттемина потписници на манифестот за неменување на името на земјава. Тој искажува остри критики за амбасадорот на ЕУ Аиво Орав.
Владиката ја критикува Европа и ја нарекува дом на корумпирана бирократија, политичко лицемерие, неморал.
„Преговорите, во суштина, имаат за цел единствено промена на македонскиот национален идентитет и на македонскиот јазик, што се разбира дека ќе доведе и до промена на името на Македонската православна црква. Од Македонија се бара апсурдното и невозможното. Промената на името не треба и не смее да биде третирано како дневно политичко прашање. За нас Македонците секоја додавка или придавка кон нашето име ќе има суштински поместувања во нашиот национален идентитет“ пишува Агатангел и нагласува дека повеќе од 20 години се вршел притисок врз македонското национално битие.
„Наша единствена алтернатива како македонско општество и како македонски народ е да напредуваме во добрината, работливоста, мирољубивоста и хуманоста. Овие доблести никој нема да ни ги подари, туку треба самите да ги усвоиме и да ги живееме. Европа е лулка на културата, слободата, цивилизацијата и науката - овие Европски вредности треба да се стремиме да ги усвоиме. Политичкото слепило и лицемерие е особено јасно видливо од последната изјава на г. Аиво Орав, кој во својство на грчки амбасадор и адвокат ни покажа дека не прави разлика помеѓу тоа што претставува вето, а што консензус. За разлика од него, хашките судии и голем број светски интелектуалци, го немаат овој дислексичен проблем. Крајно време е некој на овој господин да му укаже дека тој не е амбасадор во „Вашата земја”, туку во Р. Македонија и дека неговото инсистирање на вакво ословување на државата - домаќин е налудничав нацизам, преоблечен во наводна дипломатска смиреност и студенило, својствен за Гебелс и неговите нови следбеници“ нагласува македонскиот владика.
А.Д
Додади коментар