Триесет годишниот Јасмин од Кавадарци преку пост на својот фејсбук профил побара вработување. Раскажува дека средно образование завршил во СОУ „Киро Спанџов Брко“ во Кавадарци, но никогаш досега не работел.
„Не е затоа што јас не сакам да работам, напротив, имам поднесено апликации и биографија на стотици места изминатите 12 години, но ниту една фирма, организација или институција не ми дала работа. Секако, во меѓувреме се обидував постојано да се надоградувам. Околу 8 години волонтирав во неколку невладини организации, како Младинска Асоцијација Креактив Кавадарци, Инфо Сега и Советот за превентива против малолетничка деликвенција, каде што научив многу вештини“ вели во својот пост Јасмин и додава дека од време на време поправал по некој компјутер или телефон. Од тоа не зарабортувал, туку го правел од љубов за роднините и пријателите.
„Моментално, на 30 години, мојата целосна егзистенција зависи од моето семејство, но не сакам тоа да биде така. Сакам јас да заработувам и самиот да се грижам за себе. Причината поради којашто никој до сега не ме вработи, можеби, е тоа што, јас, малку побавно од другите ги правам работите. Немам некоја дијагноза, но, едноставно, ми треба поддршка и асистенција при работата и ми треба време за добро да ги завршам задачите“ пишува Јасмин.
Кажува дека имал средба и со градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев околу вработување, но сеуште немал добиено одговор.
„Ве молам, помогнете ми да се вработам и конечно, и јас, да се чувствувам како активен граѓанин кој придонесува во ова општество! Доколку сакате да ми помогнете, ве молам контактирајте ме на jasminmkd@hotmail.com“ пишува овој млад кавадарчанец кој се надева дека ќе го добие своето вработување.
А.Д
Додади коментар