Mатичните лекари и пациентите реагираат: Нема термини за вакцина против сезонски грип
16-11-2020 РЕГИОН

Од почетокот на вакцинацијата против сезонски грип има сериозни реакции во јавноста дека нема доволно термини за вакцинација. Реагираат хронично болни пациенти,  кои стравуваат за своето здравје и од можни компликации од грипот,  ако не се заштитат, во време кога корона вирусот коси.

 

Тие велат дека по неколку пати се обраќаат до матичните лекари за да добијат термин за вакцинација, но термини нема.

 

Истата реакција, дека нема термини,  доаѓа и од ординациите на матичните лекари во Кавадарци. Во разговор лекарите ни рекоа дека неделно,  за пациентите од Кавадарци се достапни само по 80 термини, иако интересот за вакцинација кај хронично болните е далеку поголем.

 

„Се наоѓаме под голем притисок од нашите пациенти. Тие регуларно си бараат термин да бидат вакцинирани против сезонски грип, но слободни термини не можеме да се најадат затоа што од министерството пуштаат само по 80 за цела недела во Кавадарци. Во петокот во 23 часот се објавени термините и истите експресно се потполнети“ велат нашите соговорници, матични лекари.

 

Вакцинацијата против сезонски грип се извршува на пункт во општа болница со проширена дејност. Во почетокот на минатата недела во Кавадарци се вршени по десетина вакцинации на ден. Во четвртокот и петокот биле реализирани по 35 вакцинации, а денеска биле на располагање 10 термини, кои веќе биле потполнети. Од болницата велат дека тие само ги извршуваат вакцинациите, а термини закажуваат матичните лекари.

 

„Ова што се случува годинава со вакцинацијата против сезонски грип е надвор од секој здрав разум. Грипот ќе почне да се шири додека да се добијат термини за вакцинација, а  се повеќе корона вирусот зема животи. Секојдневно се јавуваме кај нашите матични, но тие ни кажуваат дека термини нема. Ќе не остават ли покрај од корона,  да добиваме компликации и од грипот? “ велат кавадарчани.

 

 За одговор, зошто нема доволно термини, се обративме и до министерството за здравство, а од таму го добивме следниот одговор: 

„Вакцини против сезонски грип има за сите оние кои имаат потреба од вакцинација. По спроведените анализи на начинот на закажување на термин за вакцинација против сезонски грип, не се утврдени недостатоци, туку станува збор за системско менаџирање на термините за вакцинација. Имено, се наоѓаме во период на вонредна, здравствена состојба каде физичка и временска дистанца помеѓу пациентите се клучен фактор за зачувување на здравјето на луѓето во овој момент. Од таа причина системското менаџирање на вакцинација е клучен фактор. Секој петок од тековната недела се отвараат термините за вакцинација за наредната недела“ .

 

Против грип е пожелно да се вакцинираат сите луѓе кај кои не постојат пречки (контраиндикации) за вакцинација. Сепак, постојат таканаречени "приоритетни ризични групи", на кои посебно им се препорачува редовна вакцинација со вакцина против грип секоја година.

 

Во оваа категорија спаѓаат  повозрасните лица - вообичаено оние над 65 години,  лица со хронични форми на заболувања без оглед на возраста - пред сé:  хронични белодробни заболувања (астма, ХОББ),  хронични срцеви болести,  хронични метаболни заболувања (дијабет, гојазност),  хронични бубрежни и црнодробни заболувања,  нарушувања на имунитетот од било каков вид (вродени / стекнати),  малигни форми на болест,  бремени жени,  деца и помлади лица кои се на долготрајна салицилатна терапија (аспирин) поради некоја друга основна болест.

 

„Најдобро е вакцината да се прими пред почетокот на сезоната на грип (октомври, почеток на ноември), за да може организмот да развие имунитет навреме. Не е штетно или недозволено да се прими вакцина и подоцна во текот на сезоната, но тогаш се зголемува можноста човекот да заболи пред да биде заштитен“ велат лекарите.

 

Aнгел Данов

 



Share

Додади коментар