Подолго од две седмици Кавадарци е на прво место по бројот на нои случаи на ковид 19 во однос на бројот на жители. Од петокот, заклучно до вчера има 57 нови дијагностицирани. За 24 часа, заклучно до вчера, на ковид одделот во кавадаречката болница се примени пет нови пациенти и во моментот на лекување се 44 пациенти. Слободни се 16 болнички кревети.
Статистиката покажува дека од почетокот на пандемијата заклучно до вчера има вкупно 2953 случаи од кои 419 се активни. Вчера како оздравени се евидентирани 18 пациенти.
И покрај големиот број на нови позитивни случаи на корона вирус во Кавадарци веќе подолг период, општ е впечатокот дека граѓаните се опуштени, исто како пандемијата да е веќе завршена. Превентивните мерки се помалку се почитуваат. Маски се носат неправилно, или воопшто не се носат. Групирањата не се запрени, особено масовни се дружбите во кафулињата, а не ретко позитивни на вирусот, се шетаат низ градот.
И покрај тоа што маски се помалку се носат, а е задолжително, вчерашната статистика од СВР Велес покажува дека за периодот 14 /15 февруари, во Кавадарци полицијата не забележала ни едно лице кое е без маска.
Лекарите велат дека со ваквиот однос од граѓаните и тоа што вакцинацијата е сеуште далеку, бројот на позитивни случаи уште долго ќе се зголемува.
А.Д
Извештај на ИЈЗ од 8 до 14 февруари, 2021 г: Зголемување од 5,3% на нови случаи и намалување од 34,8% на починати, процентот на позитивност 12,9% Највисока неделна инциденца од 425,2/100.000 е регистрирана во Кавадарци.
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 8 до 14 февруари се тестирани вкупно 16.299 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 13,2%, во однос на минатата недела.
Регистрирани сe 2.232 нови позитивни случаи од 33 градови во државата со зголемување од 5,3%, во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=953; 42,7%), со неделна инциденца од 154,3/100.000. Највисока неделна инциденца од 425,2/100.000 е регистрирана во Кавадарци.
Согласно анализите од МАНУ, во последниот период се детектирани поголем број нови варијанти, кои претходно не беа присутни кај пациентите во нашата држава, што може да укажува на внес на нови случаи на КОВИД-19 од странство.
Процентот на позитивност се движи од 6,8 до 16,6%, просечно 12,9%. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (n=583, 26,1%). Голем број заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30 до 39 (n=416; 18,6%), од 40 до 49 (n=408; 18,3%), од 50 до 59 (n=379; 17,0%) и од 20 до 29 години (n=276; 12,4%). Најмал број е регистриран кај децата од 0 до 9 (n=53; 2,4%) и од 10 до 19 години (n=117; 5,2%).
По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 2.519 лица, кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 24,2% помалку во споредба со минатата недела.
Пријавени се 43 смртни случаи од 14 градови, со намалување од 34,8%, во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 38 лицa биле над 60 години, 4 лица на возраст од 50 до 59 години и едно лице на возраст од 40 до 49 години.
Додади коментар