GSOL НЕКА ИСПЛАТИ ПЛАТА И ОБЕЗБЕДИ СТРУЈА ако навистина му мислат добро на вработените и фабриката
18-11-2023 РЕГИОН
 
Господа директори од GSOL, вашето соопштение е врв на лицемерие. Повеќе од еден месец ве повикуваме и преку мејлови и преку јавноста да се појавите во фабриката, да исплатите плата, да обезбедите струја за печката, а вие останавте глуви и неми на сите наши молби и повици, после толку многу лажни ветувања дека нашите работни места се сигурни и дека фабриката ќе работи. Не одговоривте на ниту еден допис, на ниту еден емаил, ниту се појавивте во фабриката!
 
Ако вашите намери беа чесни немаше преку ноќ да избега директорот Димитриос Пасцхос и да не оставите и без плата и без струја и сега некаде од Бахамите да ни порачувате дека се грижите за добросостојбата на работниците и фабриката.
 
Веќе неколку пати јавно ве повикувавме и повторно ви се обраќаме, исплатете плата, обезбедете струја за да ги осигурате нашите работни места, а не да не замајувате со приказни дека банката или друг инвеститор треба да ја реши нашата судбина! Какви и да се вашите планови, вие сте газдите, вие сте должни и од вас очекуваме да се погрижите да не останеме на улица. 
 
Какви се тие чекори што сте ги превземале за спас на компанијата ако  фабриката е пред затварање???Тоа е вашето бегање од одговорност за уништување на илјадници животи, зашто не станува збор само за луѓето што ќе останат без работа, станува збор за цели семејства, за нашите деца, за нашата иднина!
 
Вие одамна се откажавте од нас, но ние никогаш нема да се откажеме и ќе ги превземеме сите законски дејства и мерки за да ја истераме правдата и да ги обезбедиме нашите работни места!
 
Работнички поздрав,
 
Миле Ѓорѓиев 
Претседател на Синдикална Организација на Еуроникел Индустри
во име на сите работници од
Еуроникел Индустри
Нова Инжинеринг
Нова Рефрактори 
Долина на Никелот


Share

Додади коментар