Со 12 гласа „За“, 5 „против“ и двајца воздржани советот на општина Кавадарци денеска во рамки на шестата редовна седница го усвои кварталниот извештај за извршувањето на општинскиот буџет, во четвртиот квартал од минатата година.
Во образложението на извештајот е наведено дека остварувањето на вкупните приходи по сите основи за 2021 година е во износ од 988.359.419 денари во однос на планираните 1.197.184.000 денари или изразено во проценти 82,56 %. Остварувањето на редовните буџетски приходи изнесува 408.256.399 денари или 80,47 %. во однос на планираните 507.319.000 денари. Наменските дотации се реализирани во 96,93%.
Согласно кварталниот извештај реализацијата на вкупните расходи на Буџетот на Општина Кавадарци изнесуваат 981.709.134 денари или 82% во однос на планираните годишни расходи во износ од 1.197.184.000.
Овој документ, кој говори за финансиското работење на општината, предизвика повеќе дискусии од советниците. За опозицијата во советот, се бележи пад на приходите согласно планираното.
„Најголемо остварување на приходи има во дотациите од државата, а најмало во самофинансирачките активности. Иако направивме ребаланс, сепак се бележи пад на приходите“ забележа советничката Веса Богева од СДСМ.
Градоначалникот Митко Јанчев на ваквите забелешки одговори дека секогаш кога се планира буџетот, планирањата се поголеми за 20-30%.
„Остварувањето на буџетот на општина Кавадарци за разлика од другите општини е на повисоко ниво, а тоа го осетија и граѓаните. Државните институции имаат остварување од 20 -тина проценти“ рече Јанчев и побара од советниците од СДСМ да обезбедат одговор од централната власт до каде е реализицијата на најавените проекти за изградба на покриен базен, реконструкцијата на уште 350 метри од патот кон Неготино и проектот за патот Мрежичко-Мајден.
Советникот Вуко Мелов и градоначалникот Јанчев дебатираа за долгот на општината. Мелов рече дека вкупниот долг на општината на доспеани и недоспеани обврски бил 136 милиони денари, а не фикција како што тврдел градоначалникот.
Јанчев во повеќе наврати нагласи дека општина Кавадарци била во добра финансиска кондиција.
Советникот од мнозинството во советот, Горан Кузмановски во својата дискусија забележа дека буџетот се реализирал добро, а граѓаните сведочат за нови улици и патишта и други реализирани проекти.
Советникот Јован Златевски забележа дека во буџетот имало послаба реализација на помалите буџетски ставки, иако и тие биле важни.
„Секогаш се залагам за рамномерна распределба на средствата во буџетот. Кавадарци има и рурални средини и треба да се одвојат средства и за таму“ рече Златевски и посочи дека ќе гласа воздржано за извештајот.
Градоначалникот Јанчев одговарајќи на овие забелешки истакна дека никогаш не се пожалил дека општината работи во услови на пандемија, како што тоа го правеле други општини. Рече дека тендерирани се проекти за реконструкција на патишта во повеќе населени места, а ќе се работи кога ќе дозволат временските услови.
Седницата сеуште е во тек. На дневен ред се повеќе одлуки, програми и решенија. Ќе се дискутира и по иницијативата за спас на Тиквешкото Езеро. Во оваа дискусија ќе се вклучат пратениците Зоран Јованчев и Панчо Минов, а најавено е присуство и на гости од водостопанските организации, концесионерот на езерот, концесионери на рибници и невладин сектор.
Ангел Данов
Додади коментар