77 години од убиството на Димката Габерот, Ило Виларов, Пано Мударов и Стојан Крстев
10-06-2020 РЕГИОН

НА 10 јуни 1943 година ( пред 77 години), во заседа која ја организира бугарската војска кај месноста “Торкови Лаки“, кај Клинската Леса загинаа: Димката Анегелов-Габерот, политички комесар на тиквешкиот партизански одред “Добри Даскалов“, Ило Виларов-Сокол, командир на првата чета на одредот, Пано Мударов-Фрањо, борец во одредот и Стојан Крстев, активист и соработник на НОД од с. Галиште - потсетува историчарот Петре Камчевски.

 

Она што и ден денес го иритира народот од Тиквешијата и Македонија е фактот што Димката Габерот по завршување на војната не беше прогласен за народен херој иако за народот од овој крај тој е и повеќе од тоа, бидејќи неговата револуционерна дејност започнала уште од 1936 година кога смело во лице му се спротивставил на министерот за здравје во Владата на тогашна Југославија, Драгиша Цветковиќ за безмилосната експлоатација што тогашните власти ја вршат врз македонскиот народ. Бил судски гонет и затворан во 1937 година, а со почнување на војната е меѓу првите организатори на НО движење во Тиквешијата.

 

Бил раководител на Месниот и Воениот комитет во Кавадарци, а кога Македонија е поделена на оперативни зони Габерот бил назначен за политички комесар на Третата оперативна зона. Во мај 1943 година е назначен за политички комесар на одредот “Добри Даскалов“, а го координира и формирањето на гевгелискиот одред “Сава Михајлов“. Во борбите со својот одред прикажал невидена храброст и секогаш бил во првите редови, што ги охрабрувало помладите борци да издржат во тешките моменти. Бил одличен говорник и на митинзите во ослободените села знаел да го охрабри народот дека борбата што ја водат партизаните е исправна и мора да се успее. Најмногу боли фактот што титулата народен херој ја имаа понесено и оние кој на Габерот не му беа дораснати ни до колената.

 

За неговото значење за наротот од Тиквешијата говори и фактот што за него се испеани две народни песни од кој едната “ В пештера болен Габерот лежи“ се пее на скоро сите свадби во Тиквешијата. Нека му е вечна славата на Димката, Ило, Пано и Стојан. Организатор на заседата во која загинаа четворицата борци бил бугарскиот потпоручник Борис Кристофоров, кој неколку месеци подоцна е уапсен кај Лукар и кај него биле пронајдени личните предмети на Габерот - пишува Камчевски.



Додади коментар