Свечена академија по повод 75 годишнината од масакрот кој бугарскиот фашистички окупатор го изврши во селото Ваташа над 12 ваташки младинци се одржа вечерва во спомен домот во Ваташа.
Присутни беа роднини на стреланите, градоначалникот Митко Јанчев, советници во кавадаречкиот совет и жители на Ваташа.
Чествувањето започна со интонирање на македонската химна од солистката Слободанка Танева, а присутните со едноминутно молчење им оддадоа почит на загинатите.
Градоначалникот во своето обраќање нагласи дека оваа вечер говориме за едно минато на кое сме горди, за време кое е виновно за сето она што го имаме денес, време во кое љубовта и другарството биле над се, а сплотеноста ги правела луѓето силни и им давала мотив да продолжат понатаму.
„Далечната 1943 кавадарчани биле сведоци на една нераскинлива врска помеѓу 12 млади момци. Сплотени со грижа еден кон друг со взаемно разбирање со неизмерна храброст чекоре по патот на слободата. На 16 јуни 1943 година, дванаесет младинци на ѕверски и немилосрден начин ги изгубија своите животи. Масакар кој остана забележан како еден од најголемите злосторства што ги извршија фашистите во текот на Втората светска војна во Македонија“ рече Јанчев и додаде дека тажното лелекање по овие младинци од Ваташа се слушало во цела Македонија.
Криковите од болка, рече Јанчев, ја завиле Тиквешијата во тага. Во исто време со тага се чувствувал и гневот и желбата за одмазда.
„ Со длабок наклон полн со почит стоиме пред ова минато, пред историјата која е испишана, историјата поради која сме денес тука. Генерации по 43-та година се горди на своите претходници кои своите последни воздишки ги дадоа на ова парче земја, своите последни погледи полни со гнев но и гордост ги насочија кон земјата на која и дадоа храброст да продолжи да се бори“ нагласи Јанчев.
Тој порача денешните генерации со силна желба да ги прифатат сите доблести на 12-сте младинци, нивната храброст, безуслона љубов кон родното место, нивната решителност и сила да се борат во тешки услови.
Во чест на младинците од Ваташа беше изведен поетски перформанс од актерот Александар Малинков кој започна со познатата В` Тиквешко негде, потоа следеа настапите на солистката Слободанка Танева, триото Ад либитум и ученици од ООУ „Димката Ангелов Габерот“ Ваташа.
Утре, 16 јуни, денот кога се стрелани младинците од Ваташа во Моклиште на спомен обележјето за овој масакар свежо цвеќе ќе положат и ќе се поклонат повеќе делегации, а ќе се одржи историски час и ќе биде изведена и културно уметничка програма.
Ангел Данов

Додади коментар