74 години од убиството на народниот херој Страшо Пинџур
04-01-2017 РЕГИОН

Кавадарци денеска чествуваше по повод 74 години од убиството на еден од најголемите револуционери и борци за слобода од поновата историја на македонскиот народ, Страшо Пинџур.

 

Во негова чест на спомен бистата пред спомен куќата во село Ваташа свежо цвеќе положија градоначалникот на општина Кавадарци, Александар Панов и претставници на музеј галеријата, претставници на советот, на сојузот на борци, претставници на ООУ „Страшо Пинџур“ Кавадарци и претставници на ОО на СДСМ.

 

За животот и дејствувањето на Страшо пред присутните говореше директорот на музеј галерија, Петре Камчевски.

 

     Страшо Пинџур е роден на 5 март 1915 г. во Струмица каде што неговиот татко извесно време работи како учител. Рано останал без татко кој во октомври 1915 г. загинал Првата светска војна  во борбите кај Криволак. По премажувањето на неговата мајка за него единствено се грижи неговата баба Наста на која ќе и остане приврзан до крајот на својот живот. Завршил основно образование во Ваташа, а нижа гимназија во Кавадарци.

 

Потоа како државен стипендист го продолжил своето образование во Крагуевац. Тука започнува и неговата револуционерна дејност. Страшо иако релативно многу млад жестоко му се спротивставил на српскиот психолог Василие Правуловиќ, кој за македонците тврдел дека се прост и необразован народ. Во Белград Страшо се запишал на Правниот факултет и станал член на културно просветното друштво “Вардар“, а бил и негов секретар. Во напредното студентско движење се вклучил во студентскиот Акционен одбор, кој ги организирал сите студенски демонстрации.

 

Во текот на 1938 г. се обидел да се приклучи кон меѓународните интернационални бригади во Шпанија, но поради затворањето на границите со Франција бил приморан да се врати назад. Во 1938 г. Поради револуционерна дејност е уапсен и затворен во затворот Ада Циганлија во Белград. Во 1939 г. заедно со Ристо Михов и Ѓошо Бојаџиев ја обновуваат работата на КП за Кавадарци. Во 1940 г. бил повторно уапсен и повторно затворен во Ада Циганлија. По пуштањето од затвор се вклучил во работата на партиската организација во Скопје и станал инструктор  во Покраинскиот комитет на КП, а веднаш потоа и негов член.

 

Страшо Пинџур бил секретар на МК на Скопје и е еден од најзаслужните за формирањето на скопскиот партизански одред. Во јуни 1942 г. Страшо е член на Главниот штаб на Македонија. По разбивањето на партизанскиот одред “Димитар Влахов“, заедно со Мирче Ацев биле испратени во Велес да ја средат работата на партиската организација во овој град. Кон крајот на  декември 1942 г. се уапсени во куќата на Јован Митрев и се спроведени во Скопскиот областен затвор. По невидена тортура во која учествувале неколкумина бугарски агенти, Страшо Пинџур  починал на 4 јануари 1943 г., како резултат на жестокото тепање. Неговото тело е  изнесено од затворот и закопано на непозната локација, така да и денес не се знае каде е неговиот гроб.

 

        Страшо Пинџур е прогласен меѓу првите во Македонија за народен херој на 20.07.1945 година.

                                                                                         



Share

Додади коментар