70 години од формирањето на Втората македонска ударна бригада
20-12-2013 РЕГИОН

Со свечена академија и полагање на цвеќе на споменикот на револуцијата на градскиот плоштад денеска во Кавадарци се одбележа јубилејот, 70  години од формирањето на Втората Македонска Ударна Бригада.  Цвеќе положија претседател на главниот одбор на Сојузот на борци, Тодор Атанасовски, делегација на општинскиот сојуз на борците Кавадарци, градоначалникот Александар Панов и претставници на општината, претставници на АРМ и останати почитувачи на делото на борците.

Претставници на борците од Кавадарци и Неготино положија цвеќе  и на споменикот на Диме Туриманџов-Горски , првиот командант на Втората македонска ударна бригада. Делегација од борците беше примена и од градоначалникот Александар Панов во неговиот кабинет.

Спомени за дејствувањето на Втората бригада и сите нејзини заслуги пред присутните на свечената академија евоцираше генералот во пензија и претседател на главниот одбор на Сојузот на борци, Тодор Атанасовски.

„Втората Македонска ударна бригада е една од формациите во борбата со многу денови. Во нејзините строеви поминаа повеќе од 10.000 луѓе. Бригадата учествуваше во сите важни опрации за време на НОВ на просторите на Југославија, а учестуваше и во меѓународни операции“ рече Атанасовски и нагласи дека Втората македонска ударна бригада не треба да се биде само тиквешка, туку и македонска гордост. Секој да ја чувствува како своја.

Јубилејот 70 години од формирањето на бригадата го честита и градоначалникот Александар Панов, нагласувајќи дека треба да се гордееме со жртвите на нашите поколенија, а да живееме со мислата „да не се повтори“.

„Втората македонска ударна бригада е една од најзначајните борбени единици“ нагласи Петре Камчевски, историчар и директор на кавадаречката музеј-галерија осврнувајќи се на нејзиното формирање и дејствија.- Петре Камчевски.

На свечената академија беше изведена и културно уметничка програма.

А.Д



Share

Додади коментар