Договорите за јавно приватно партнерство за улично осветлување и за зонско паркирање во Кавадарци ќе се укинат. Денеска кавадаречкиот совет одлучи договорот со приватниот партнер за јавното осветлување кој беше склучен со времетраење од 15 години спогодбено да се раскине.
Советниците од СДСМ на седницата обвинија дека преходната локална власт склучила штетен договор за граѓаните. Тогашните советници од нивната партија исто така жестоко се противеле на потпишувањето, бидејќи сметале дека не е од корист за општината.
„Локалната самоуправа со овој договор е оштетена. Приватниот партнер инкасирал над 500 илјади евра пари на кавадарчани. Градоначалникот да побара ревизија на договорот, бидејќи за него некој треба да понесе одговорност“ рече советникот Лазар Туриманов од СДСМ.
За советникот Зоран Јованчев, дискусијата на Туриманџов била со цел да се фокусираат граѓаните од антидржавните политики кои ги спроведувала власта предводена од СДСМ.
„Се сложувам да има ревизија, тој што постапил незаконски нека си сноси одгвоорност“ рече Јованчев.
Градоначалникот Митко Јанчев ги образложи причините поради кои спогодбено ќе се раскине договорот со приватниот партнер. Нагласи дека истиот бил донесен во 2012 година кога стапил на сила законот за јавно приватно партнерство.
„За тоа време склучен е добар договор. Но, договор од 15 години е непродуктивен за општината. Постигната е заштеда од 70 отсто за улично осветлување. Општината воопшто не е оштетена. Партнерот во овој договор на негов трошок инсталира 2713 светилки“ рече Јанчев и нагласи дека приватниот партнер немал обврска да го модернизира уличното осветлување, па според него општината немала да има можност да го следи развојот на технологијата.
Јанчев најави дека била постигната согласност со партнерот за спогодбено раскинување и дека последната фактура од него ќе била за јануари годинава. Партнерот ќе имал обврска да го одржува осветлувањето во градот до април, а за тој период општината ќе изготвела студија и нов тендер за поставување на модерни светилки и наместо сегашните 2700 ќе се поставеле 4000 со посилна светлина, бидејќи кавадарчани се жалеле на слабо осветлени улици.
Советниците од СДСМ исто така нагласија дека претходниците од нивната партија се противеле и на договорот за зонско паркирање, кој го потпиша претходниот градоначалник и биле со став дека е потребно јавно претпријатие.
„ВМРО-ДПМНЕ драстично го промени својот став по ова прашање. Во 2016, кога се даде согласност да се потпише договорот ја убедуваа јавноста дека овој договор е добар и од големо значење за граѓаните. Доколку се реализираше, приватниот партнер ќе инкасираше од кавадарчани 785 илјади евра“ рече советникот Петар Николов од СДСМ.
Градоначалникот пред советниците објасни дека раскинувањето на овој договор ќе оди на суд, бидејќи приватниот партнер бил оштетен со нереализирањето на истиот.
„Во договорот има недоследности. МВР не дозволи одредени паркиралишта да бидат опфатени и поради тоа договорот не започна да се реализира. Партнерот уплатил концесија од 1.8 милиони денари, а седум месеци не се започна со реализација на договорот“ рече Јанчев и нагласи дека тој разговарал со партнерот потписник на договорот, но кај него немало расположение за спогодбено да се раскине и ќе барал обесштетување на суд.
И Јанчев рече дека е застапник на ставот да се отвори јавно претпријатие кое ќе стопанисува со паркирањето, бидејќи, како што нагласи, се работи за осетлив сегмент за граѓаните.
Градоначалникот на седницата информираше дека општината има предвидено уште две паркинг места, едното во т.н ан на ЈП Комуналец, а другото како подземен паркинг на пазарот.
Советот едногласно даде зелено светло и двата договори за јавно приватно партнерство да бидат укинати.
На денешната седма седница советот донесе одлуки за примање на донации. Едната се однесува на проектот „За почисто и поубаво Кавадарци“ кога пет компании од градот ја ставија својата механизација на располагање на општината со цел да се исчистат дивите депонии, а втората донација е од Синалко Германија, Кожувчанка и ИГМ, а се однесува на метларките кои во вредност од 95 илјади евра ги набавија овие компании за потребите на ЈП Комуналец.
Градоначалникот упати јавна благодарност до компаниите што учествуваа во расчистувањето на дивите депонии и нагласи дека од таа акција бил собран отпад од 6000м3.
Едногласно, без дискусии беа усвоени решенијата за разрешување и именување на нови членови во комисии, управни и надзорни одбори. Се донесе одлука за набавка на инвалидски колички кои ќе бидат донирани на граѓани кои имаат потреба од нив, а неможат да ги купат.
Во рамки на денешната седница се утврди и висината на бод за исплата на плата на административните службеници во ЈП Комуналец, а беше усвоена и измената на финансискиот план на ова јавно претпријатие.
Советникот Лазар Туриманџов праша дали се вистините шпекулациите низ градот дека во Комуналец имало плати и до 50.000 денари, а најниската за општите работници таа била само 12.000 денари.
Директорот Ѓорѓи Попицов вети дека советниците за наредната седница ќе добијат точни податоци за платите кои се исплаќаат и нагласи дека тоа биле невистини. Како што кажа, најниската плата била 13.500 денари.
Советот одобри кавадаречкото комунално претпријатие да подигне кредит за набавка на механизација, се донесоа повеќе урбанистички одлуки и одлука со која проектот за изградба на фекална канализација во селото Раец е избран за приоритетен кој ќе го аплицира општината. Едногласно беа усвоени и измените и дополнувањата на одлуката за извршување на општинскиот буџет.
Ангел Данов
Додади коментар