Со едноминутно молчење неготинци денеска им оддадоа почит на своите сограѓани кои го положија животот во темелите на денешната слобода одбележувајќи 69 години од ослободувањето. По тој повод советот на општината одржа свечена седница на која градоначалникот Ванчо Апостолов говореше за посветеноста да направи економски развиена општина и пристојно место за живеење на сите граѓани.
На седницата беа доделени и 8 ноемвриските награди и признанија на граѓани кои ја афирмираат општината. За почесен граѓанин на Неготино постхумно беше прогласен Лазар Манчевски-Пинџур од Скопје. Тој беше истакнат македонски поет и даде посебен придонес во афирмацијата на општината. Признание „8- ми Ноември“ им се додели на германската компанија „Дрексл маер“, земјоделката Васка Мојсовска, иноваторот Филип Пушкинов Д-р Иван Иванов - специјалист радиолог, Д-р Дејан Донев - доктор по филозофски науки, карате клуб „Антигона 2“ , КУД „Јане Сандански“ и Фолклорниот ансамбл „Ацо Ѓорчев“.
Признанијата им беа доделени за остварени резултати во областа на стопанството, здравството, науката, спортот и културата како и за нивниот придонес во развојот, унапредувањето и афирмацијата на општина Неготино.
Наградата „8 - ми Ноември“ годинава за остварени резултати во стопанството ја доби фирмата „Емша шпед“, а од име на наградените се заблагодари претставник од оваа комапнија кој нагласи дека и во иднина ќе продожат да освојуваат успеси и да ја афирмираат општината.
Празникот на општината го честитаа претставници на делегациите од збратимените општини со Неготино, а свечената седница беше збогатена со концерт на Македонската филхармонија.
А.Д
Додади коментар