Значајни одлуки донесе кавадаречкиот совет на денешната редовна 56-та седница, која после подолго време, се одржа со физичко присуство на советниците. Едногласно беше усвоен планот за борба против корупција на општина Кавадарци за тековната година.
Планот за борба против корупцијата е документ во кој се детектираат слабостите во постоечкиот систем на работа во Општина Кавадрци, се утврдуваат стратешките цели кои треба да се постигнат со имплементацијата на истиот, се предвидуваат мерки и активности заостварување на целите, се посочуваат клучните носители на активностите се уредува начинот на кој ќе се постигнат утврдените цели.
Градоначалникот Митко Јанчев појаснувајќи го овој документ посочи дека истиот е подготвен согласно планот на владата во борбата со корупцијата.
Советот ја прифати иницијативата за изготвување на локален еколошки акционен план а едногласно се усвоија и измените на статутот на општината.
И годинава ќе се субвенционираат енергетско ефикасни грејни тела. Советот ја донесе одлуката, а наредните денови ќе биде распишан јавен повик на кој граѓаните кои ќе набават вакви грејни тела ќе може да аплицираат за субвенции во максимален износ од 15.000 денари или 50% од вредноста на купеното грејно тело.
Едногласен беше кавадаречкиот совет и во носењето на одлука со која се даде согласност граѓаните кои должат кон ЈП Комуналец да можат долгот да го платат максимум на 24 рати, но и да бидат ослободени од камати и нотарски трошоци.
Градоначалникот Јанчев на седницата информира дека наплатата на сметките за комунални услуги кон ЈП Комуналец е 95 отсто, а оваа пракса за ослободување од камати покажала дека граѓаните сакаат да си го платат заостанатиот долг.
И на правните лица им се нуди можност заостанатиот долг да го платат максимум на 6 рати, но кај нив ќе нема ослободување од камати и останати трошоци.
Работењето на ЈП Комуналец предизвика и препукување меѓу советниците од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Лазар Туриманџов од СДСМ обвини дека на име на Комуналец ВМРО-ДПМНЕ терале политички кампањи, поради што се трупале долгови во минатото кон ова јавно претпријатие, но и дека Комуналец бил претворен во дувло на ВМРО-ДПМНЕ. Реплицираа советници од ВМРО-ДПМНЕ кои рекоа дека во минатото ова јавно претпријатие било прогласувано за најдобро во државата, поради што има добиено грант од 2 милиони евра. Сепак на крај едногласен беше заклучокот дека советниците и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ докажуваат дека тргајќи ги партиските интереси во советот, работат исклучиво во интерес на граѓаните.
Таквата пракса на работа во кавадаречкиот совет ја поздрави и градоначалникот Митко Јанчев. Нагласи дека праксата на заедничко работење покажала дека општината одела само напред и се носеле одлуки во интерес на сите граѓани.
На денешната седница едногласно беа усвоени и повеќе одлуки за примање на донации за оптшината, едната се однесува на донација од ротари клуб Кавадарци а е наменета за ОМБУ „Лазо Мицев Рале“ за каде е набавена опрема за опремување на музичките кабинети. Дугата донација е изработка на идејно решение за парк на културата од „Еко индикатор“ Кавадарци. Едногласно, без дискусии поминаа тримесечните извештаи за работењето на МХЕЦ „Лукар“ и ЈП Паркинг, како и годишните планови за вработување во општина Кавадарци и ЈП Комуналец.
На предлог на советникот Петар Николов советот усвои одлука за да му исплати 1 милион денари на ГФК Тиквеш како премија за влезот во првата македонска фудбалска лига.
Ангел Данов
Додади коментар