Едногласно кавадаречкиот совет во рамки на денешната 52 редовна седница ги усвои измените на одлуката за долгорочно домашно задолжување за финансирање на проектот за изградба на градски зелен пазар со подземен паркинг.
Градоначалникот Митко Јанчев ги информираше советниците дека измените на оваа одлука се однесуваат за инвестирање на заштедата од околу 15 милиони денари, која е добиена при аукцијата за тендерот за изградба на пазарот.
„Комерцијалниот кредит за пазарот е во висина од 118 милиони денари. Тендерот веќе е завршен и е потпишан договор со изведувачот. Со ревидирање на проектот и преку аукцијата цената за изградба на пазарот од 115 милиони денари се спушти на 102 милиони денари и остануваат слободни околу 15 милиони денари. За целосно опремување на пазарот ќе бидат потребни 11 милиони дена. Ќе се искористат овие средства и ќе биде распишан нов тендер за набавка на тезги и разладни уреди за потребите на пазарот, со што ќе добиеме модерен пазар“ рече Јанчев.
На денешната седница советот донесе одлуки и за реализација на грант проект за подобрување на општинските услуги и за изградба на фекална канализација во дел од населбата Бел Камен.
Едногласно беа усвоени измените на програмите за локален економски развој на општина Кавадарци, за комунални дејности и за поставување на урбана опрема.
Советот донесе одлука и за давање на донација од 2.600.000 денари на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија Скопје за партерно уредување на дворот на Полошкиот манастир, “Св. вмч Георги”.
Поминаа и одлуките за утврдување на бодот за пресметување на плати на административните службеници и останатите вработени во детската градинка „Рада Поцева“ и ЈП Јасмин.
Едногласно беше усвоен и извештајот за работењето на ЈП Јасмин во минатата година, а едногласно се даде позитивно мислење за изградба на мини централи на реката Дошница.
Седницата се одржа предку видео конференциска врска поради актуелната состојба со ковид 19.
Ангел Данов

Додади коментар