Едногласно, советот на општина Кавадарци на денешната 47 седница донесе одлуки за изведување настава со физичко присуство во основните и средните училишта. Конечната одлука треба да ја донесе комисијата при МОН.
На денешната седница едногласно се донесоа одлуки за субвенционирање на велосипеди и еколошки грејни тела. Градоначалникот Митко Јанчев информира дека за двата основи се одвоени 1,5 милион денари.
„Максималната сума за субвенционирање на велосипед е 3000 денари, а за набавка на еколошко грејно тело до 15.000 денари. Од понеделник ќе биде објавен јавен повик, а субвенциите ќе се доделуваат по пат на лотарија“ рече Јанчев.
Советниците дадоа едногласна поддршка и на извештаите за работа на основите и средни училишта во учебната 2019/20 година и на детската градинка „Рада Поцева“.
Именувањето на нови членови во управниот одбор на детската градинка од редот на советот на родители предизвика реакција од советникот Лазар Туриманџов. Тој забележа дека двајцата предложени кандидати биле истакнати членови на ВМРО-ДПМНЕ. Побара како и досега да се носеле заеднички одлуки за членување во управните одбори.
На неговата реакција, реплицираа и советници од ВМРО-ДПМНЕ кои кажаа дека не станувало збор за партизирано делигирање на членови во управниот одбор, туку таква била одлуката на советот на родители.
Градоначалникот јавно апелираше сите членови во училишните одбори и во советите на родители доколку се партиски назначени да си поднесат оставка, бидејќи тие треба да работат во интерес на сите граѓани, а не по диктат на политичка партија.
Советот даде едногласна поддршка и на одлуката за реализација на проект за подобрување на водоснабдувањето во населба „Брушани“ и поставување на фотоволтаични панели на сите јавни институции. Градоначалникот информира дека станува збор за проекти кои би се покриле со поволен заем од светска банка.
На денешната седница беа усвоени и измените на годишниот план за вработување во општина Кавадарци и за изработка на урбанистички планови. Беа донесени одлуки и за прифаќање на неколку донации. Исто така се прифатија одлуките од управниот одбор на детската градинка за утврдување на работното време на вработените во градинките, но и за зголемување на бројот на деца по воспитни групи. Се усвои извештајот за работењето на ЈП за стопанисување со спортски објекти „ЈасмиН“ и на ЈП Паркинг.
Ангел Данов
Додади коментар