Кавадаречкиот совет денеска ја одржа редовната 42-ра седница. Поради мерките од здравствените власти за заштита од Ковид 19 советот заседаваше преку видео – конференциска врска. Едногласно беше дадена согласност на одлуката за ослободување од пресметување на камата за задоцнето плаќање на долгот на физички лица, корисници на комунални услуги и трошоци во постапка спроведена пред надлежен суд или нотар.
Едногласно беа усвоени годишните планови за вработувања за 2021 година на општина Кавадарци и на домот на културата „Иван Мазов Климе, ООУ „Тошо Велков Пепето“ и ООУ „Димката Ангелов Габерот“ Ваташа и ООМБУ „Лазо Мицев Рале“.
Советот едногласно го донесе урбанистичкиот план за село Возарци, измените на програмата за поставување на урбана опрема на подрачјето на општина Кавадарци, неколку одлуки за донации и измените и дополнувањата на одлуката за утврдување тарифа на цени по зони за зонско паркирање. Со оваа одлука се овозможува вработените да плаќаат месечен надомест за паркирање.
Градоначалникот Митко Јанчев во своето обраќање ги поздрави донесените одлуки и посочи дека со измените на одлуката за паркирање им се овозможува на вработените повластена цена за паркирање и дека по седум години од почетокот на изработката на урбанистичкиот план за Возарци, конечно истиот е усвоен. Јанчев рече дека со денешната одлука донесена од советот на физичките и правни лица им се овозможува бесплатно да исфрлаат земја на градската депонија „Мелци“.
Ангел Данов
Додади коментар