41 седница на советот на општина Кавадарци: Родителите ослободени од плаќање надомест за градинка за април и мај
27-05-2020 РЕГИОН

Родителите чии деца посетуваат градинка се ослободени од плаќање на надоместок за април и мај, вака денеска едногласно одлучи советот на општина Кавадарци. Одлуката беше донесена во рамки на 41-та седница која се одржа онлајн, поради здравствените протоколи.

 

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, ја поздрави донесената одлука од советниците и посочи дека ќе биде од големо значење за семејствата.

 

Едногласно советот на денешната седница донесе и одлука за основање на јавна општинска установа, локален вински музеј за регионот Тиквеш, а беа назначен и членови на управниот одбор и на органот за внатрешна контрола. Средствата за основање на музејот и почеток со работа се обезбедени од основачот, општина Кавадарци во износ од 300.000,оо денари.

 

На седницата беа донесени и одлуки за примање донации во корист на општината, а едногласно, без дискусии беше усвоен и извештајот за работењето на ЈП Комуналец во изминатите три месеци. Беа донесени и измени на одлуката за зонско паркирање и за утврдување на тарифа на цени по зони за зонското паркирање и план за заштита и спасување на подрачјето на општина Кавадарци.

 

„Од 1 јуни се надеваме дека комуникацијата ќе биде полесна. Сакам да ве информирам дека активно се реализира комуналната изградба во општина Кавадарци и дека општината и ЈП Комуналец се во добра финансиска кондиција“ рече во своето обраќање до советниците, градоначалникот Јанчев.

 

Ангел Данов

 

 



Share

Додади коментар