Садовите и алатките кои служеле за производство на вино во минатото во највинарскиот крај во Македонија, тивкешкиот, се најатрактивни и го задржуваат вниманието на посетителите во новиот музеј на традиционална храна и вкусови во Кавадарци.
За седум месеци од отворањето досега се регистрирани над 4000 посетители, открива директорот на оваа установа, Петре Камчевски. Тој нагласува дека доаѓале посетители од сите краеви на земјава, но и туристи од Русија и Грција.
„Сите поставки се интересни и го отсликуваат минато на овој крај, но оние предмети кои нашите предци ги користеле за производство на вино се највпечатливи. Музејоте е секојдневно отворен за посетителите, а исто така привлечна е и спомен собата на Васил Хаџи Манов. Посебен белег на музејот дава подрумскиот дел каде се сместени експонати од првата винарија на семејството Велкови од 1875 година. Во подрумскиот дел има поставено преса, муљач за мелење на грозје кој во тоа време бил единствен од таков вид што го поседувало семејството Велкови, а го викале ламја бидејќи можел да собере одеднаш еден кош со грозје Во неа се поставени многу негови лични работи“ објаснува Камчевски.
Во овој објект се собрани минатото и традицијата на овој град. Зградата на поранешниот младински дом е целосно реконструирана. Куќата на вкусовите и мирисот е инвестиција од прекуграничната соработка меѓу Македонија и Грција во рамките на ИПА-програмата на ЕУ. Многу кавадарчани му подарија лични предмети на музејот, кои долги години ги краселе нивните домови. Сетоа тоа го сториле затоа што сакаат музејот да располага со автентични предмети, интересни како за домашните, така и за странските гости.
„Во музејот има предмети со кои се произведувала храната во Тиквешијата од неолитот, преку античкиот и византискиот период, се до времето на османлиското владеење, кога и подготовката на лебот и погачите имало посебно значење. Има многу интересни експонати, дел се наши, а зедовме и од други музеи, но и од приватни колекционери, Драганчо Димовски, семејството Велкови и други. На едно место се поставени експонати од областа на археологијата, етнологијата, но и многу историски предмети. Има предмети од неолитот принајдени во археолошкиот локалитет кај селото Ресава. Тоа се камени секири. Од античкиот период глинени садови, од среден век садови за подготовка на храна, рече директорот на Музеј–галеријата Кавадарци, Петре Камчевски.
Многу од поставените експонати во музејот младите можат да ги видат за прв пат, а имаат големо значење поради тоа што даваат автентична слика на Кавадарци и тиквешкиот крај.
Ангел Данов
Додади коментар