Едногласно кавадаречкиот совет денеска ги усвои елаборатите и одлуките за основање на државно средно музичко училиште во Кавадарци и локален вински музеј за регионот Тиквеш. Градоначалникот Митко Јанчев нагласи дека станува збор за мошне значајни проекти за Кавадарци. Рече дека Кавадарци го заслужува тоа. Јанчев најави и изградба на спортски сали во ООУ „Димката Ангелов Габерот“ во Ваташа и „Страшо Пинџур“ во Кавадарци.
Советниците ги усвоија и планираните програми за развој на основните и средни училишта но и на институциите од културата во Кавадарци.
Беше донесена одлука за склучување на договори за одложено плаќње на надоместокот со извршна клаузула за утврдување на правен статус на диво изградни објекти кои се легализирани.
Градоначалникот Јанчев појасни дека им се дава можност на сите физички и правни лица кои не и платиле на општината за легализацијата, да ја искористат оваа поволност за одложено плаќање.
На седницата помина и програмата за дочек на новата година на градскиот плоштад за што општината ќе потроши 714 илјади денари. Се донесе одлука за организацијата, делокругот и начинот на извршување на задачите на општинската администрација и измени на правилникот за начинот на вршење на видео надзор на општина Кавадарци.
Советниците од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата кон крајот, со образложение дека не биле почекани да се вратат после паузата. На тоа реплицираше советникот Лазар Туриманџов кој нагласи дека два пати лично ги повикувал советниците да влезат во сала.
Седницата продолжи и беа усвоени одлуки за приклучување на водоводна линија на жителите на село Дабниште, а ќе се изготвува проектно техничка документација за водоснабдување на месноста Брушани и поврзување со водоводна линија на село Бегниште. Исто така советот ги прифати измените на одлуката за реконструкција на водоводни линии и атмосферска канализација на улици во село Сопот.
Кавадаречкиот совет и на денешната седница даде негативно мислење по барањето од министерството за економија да се вршат геолошки истражувања на Кожув.
Советникот Ташо Радњански посочи дека доколку се даде позитивно мислење ќе се загрозат изворите на вода за пиење.
Ангел Данов
Додади коментар