27 седница на советот на општина Кавадарци
12-03-2015 РЕГИОН

Финансиските документи за работа на општина Кавадарци денеска предизвикаа бурни дискусии меѓу советниците на 27та седница. Околу два часа се дебатираше за завршната сметка за буџетот за 2014, годишниот извештај на општината а минатата година и кварталниот извештај за извршувањето на буџетот за четвртиот квартал од минатата година.

Дискусиите беа испреплетени со многу политика. Актуелната политичка состојба во земјава со прислушувањето беше дел од дискусиите на советниците. Опозицијата гласаше против овие финансиски документи и забележа дека минатата година општиската каса била предимензионирана, а слаба била нејзината реализација.

Раководителот на секторот за финансии Цанка Јовановска даде образложение на завршната сметка и на кварталниот извештај. За периодот од 1 јануари до 31 декември минатата година  се реализирани приходи во износ од 534.176.972 денари во однос на планираните 658.780.000 денари или 81 % од планираното. Како што нагласи Јовановска расходите се реализирани со 78,57% во однос на планираното.

„Факт е дека општината нема толку пари да троши колку што планира. Тоа би дошло како што би рекле некои министри, немаме за леб, а трошиме за чоколади. Нема никаква изградба во градот. Една улица не е како што треба. Се е дупка до дупка“ забележа советникот од СДСМ Зоран Бањански.

Според советникот Димитар Зарков од ГРОМ потребно е повеќе пари да се издвојуваат за комунална изградба. Советничката Милица Андова обвини за зголемување на поедини буџетски ставки и за партиски вработувања пред се во општината.

„Износот на плати е зголемен за 2 милиони денари за партиски вработувања или партиски гласачи. За телефони се трошат 1,8 милиони денари за 250 телефони. Со кал и камења се крпат ударните дупки. Срамота е да се дебатира за ваков извештај“ рече меѓу другото Андова.

Советникот Сашко Петров констатира дека со буџетот било работено недомаќински, нерационално и непрофесионално. Според него општината немала никаков план за развој, а и локалната и централната власт биле не легитимни.

Повеќе конструктивни предлози за наредните буџетски планирања изнесе советничката Божанка Минова, а нагласи и дека во прихгодниот дел на буџетот имало преамбициозно планирање.

На советниците од опозицијата и нивните обвинувања во својата дискусија се осврна советникот Зоран Јованчев кој се осврна на некои проекти кои се релаизирани од актуелната власт. Ја нападна опозицијата дека немала идеи и програма.

„Кога владееше СДСМ имавме пропаднати штедилници, за прв пат се слушна зборот стечаен работник. Родителите немаа пари да им купат книги на децата за на училитше. Сега учениците добиваат бепслатни учебници, а имаат и компјутери во училиштата. Ја донесовме Дрекслмаер како странска инвестиција “ рече меѓу Јованчев и нагласи дека на власт не се доаѓало со закани и уцени туку со проекти.

По ова излагање следеа реплики од опозиционите советници. Сашко Петров му рече на Јованчев дека ВМРО –ДПМНЕ ги субевнционирало  странските инвестиори а ги казнувало домашните.

По дискусиите од советниците свое обраќање имаше и градоначалникот Александар Панов кој нагласи дека 2014 година била поуспешна од 2013 комаприрано по години почнувајќи од 2009.

„2013 финансиски беше најлоша година, а 2011  е една од најдобрите години во финансиското работење на општината, кога имавме околу 40 милиони денари приходи од концесии. Профилираме амбициозен буџет. Идеата е да имаме што поголеми цели и да постигниме што поголема реализација. Не се точни констатациите за партиски вработувања и за зголемување на поедини ставки. Јавно би се сложил со лошата состојба со улиците во градот , но тоа е резултат на проојните дождови поради што се оштетија улиците. Со првото разведрување ќе пристапиме кон реконструкција на улиците“ рече Панов и се огради од квалификациите кои ги изнесе советникот Петров околу легитимноста на власта.

По политичкото препукување финасиските документи беа усвоени со 13 гласа за и 5 против.

Едногласно беа усвоени завршните сметки на основните и средните училишта во општина Кавадарци,  инситуциите од културата и детската градинка „Рада Поцева“.

Програмата за рабта на Домот на културата „Иван Мазов Климе“ беше повлечена за наредна седница откако советникот Сашко Петров ја наметна дилемата дали во неа има судир на интереси. Заседаваше и комисијата за култура на општината која донесе заклучок програмата да се врати на доработка.

Советот донесе одлука за учество на општината во аплицирањето по проектот „Изградба на дел од главен колектор за отпадни води за град Кавадарци“, одлука за ослободување од комунална такса за јавно осветлување во населените места каде нема или живеат мал број на жители и нема јавно осветлување. Беа донесени и одлуки за издвојување на финансиски средства ,  подршка за Црвен Крст Кавадарци и ООУ „Гоце Делчев“.

Ангел Данов

.



Share

Додади коментар