27 години од убиството на Сашко Гешовски
07-05-2018 РЕГИОН

 

Делегации од сојузот на борци Кавадарци, општина Кавадарци, од командата на гарнизон Криволак и роднини и пријатели на Сашко Гешовски вчера го посетија неговото вечно почивалиште на градските гробишта во Кавадарци и положија свежо цвеќе.

 

Имено вчера се навршија 27 години од убиството на Гешовски, кој беше на отслужување на воениот рок во тогашната ЈНА.

 

Сашко Гешовски е роден во Кавадарци во 1972 година. Има завршено основно и средно училиште во Кавадарци, а потоа замина на отслужување на воениот рок во ЈНА, СР Хрватска. На 6 мај 1991 година во него пука маскиран припадник на МУП на Република Хрватска и со четири куршуми смртно го погодил младиот кавадарчанец.

 

 

Во критичниот момент Сашко бил на задача пред зградата на Воено поморската област во Сплит. Неговото загинување претставува првата жртва во жестокиот воен судир, кој го предизвика распаѓањето на Југославија во 1991 година. На 7 мај 1991 година во Кавадарци во негова чест се одржа величенствен протестен митинг на кого учествува скоро целото население од градот и околните места, за да го искажат својот револт и тага за смртта на својот сограѓанин. На неговиот погреб присуствуваат повеќе од 20.000 граѓани, дојдени од сите краишта на Југославија, а во Кавадарци беше прогласена и тридневна жалост.

 

Во воениот конфликт во 1991 година загинаа уште тројца кавадарчани: Петре Тодоровски, роден 1971 година, кој загина како припадник на ЈНА на 26. јули 1991 година во касарната Љубљана-Поље, СР Словенија. Во овој судир загина и Мишко Митрев, роден 1954 година во Ваташа. Тој загина како подофицир во ЈНА во септември 1991 година, при одбрана на својата касарна во Ѓаково.



Share

Додади коментар