На денешен ден пред 25 години започна со работа локалната телевизија КТВ41. Со сигнал се покриваше општина Кавадарци со сите населени места, потоа од репетиторскиот пункт Љубаш програмата можеа да ја следат и гледачите од Росоман, Неготино, Градско и Демир Капија.
Благодарение на професионалното работење и објективноста од јули 2013 година телевизија КТВ прерасна во регионален медиум кој располага со современа дигитална опрема. Во овој момент ги покрива општините Кавадарци, Неготино, Велес, Росоман, Градско, Свети Николе, Лозово, Чашка, Демир Капија.
Во информативната програма се покриени најважните случувања во овие општини. Телевизијата секогаш се води од начелото, граѓаните да бидат навреме информирани. Во овие 25 години тоа е пракса. Објективноста која е наша водилка, направи КТВ да ужива висок рејтинг и доверба кај гледачите од Вардарскиот регион. КТВ е најгледана телевизија во Вардарскиот регион покажуваат и резултатите од анкетите кои ги објавува Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Покрај информативната програма големо внимание посветуваме и на едукативните емисии, пред се едукација за земјоделците, бидејќи главно занимање на населението од овој крај е земјоделството. Голем дел од просторот посветуваме на образованието, културата. Децата се исто така главна цел во нашата медиумска понуда. За нив подготвуваме детски образовни емисии. На нашата програма застапени се најразличи содржини наменети за целата публика.
Со исто темпо, со голем ентузијазам продолжуваме понатаму. Остануваме ваша телевизија и во наредниот период, како и досега објективни и на ваша страна.
Исто така благодарност и до нашите деловни партнери кои препознаа дека користејќи ги нашите маркетинг услуги многу поуспешно ја остваруваат својата цел.
По повод јубилејот 25 години работење на КТВ честитка пристигна од градоначалникот Александар Панов во која се вели:
Од мое и од име на Општина Кавадарци ви го честитам јубилејот 25 години од работењето. Општина Кавадарци во сите изминати 25 години има исклучително коректна и добра соработка соТВ КТВ.
Вие како медиум, со новинарскиот и техничкиот кадар, во овој период прераснавте во релевантен и респектиран Регионален ТВ медиум.
Во последните седум години од вашето работење во кој функционира и актуелниот градоначалник, со Ваша помош кабинетото на градоначалникот, Советот на општината како и општинската администрација имаа можност, правовремено и објективно пред граѓаните, да ги пласираат сите свои активности.
КТВ телевизија помогна, многу во остварувањето на една од главните задачи на Општината, а тоа е транспарентното работрење.
За што во оваа прилика ви упатувам Благодарност.
Со желба за понатамошна успешна соработка уште еднаш Ви упатувам честитка по повод вашиот голем јубилеј.- стои на крајот во честитката.

Додади коментар