23 седница на советот на општина Кавадарци - Ќе се модернизира уличното осветлување
08-04-2019 РЕГИОН

Кавадаречкиот совет денеска во рамки на 23-та седница ја усвои физибилити студијата за модернизација на уличното осветлување.

Станува збор за инвестиција што општината ќе ја реализира во следниот период, а општината ќе има големи придобивки, како во квалитетот на уличното осветлување, така и во заштеда на електричната енергија.

 

Пред усвојувањето на студијата, истата ја презентира Борис Вирлиоз кој нагласи дека според направените анализи, во моментов 95% од јавното осветлување е функционално. Со инсталирањето на новите елементи, електронскиот систем за мониторинг во реално време ќе се следат дефектите и потрошувачката на електрична енергија.

 

„Ваков систем досега не е поставен никаде во земјава. Со неговата инсталација придобивките се многу бројни. Ќе чини 3.200.000 денари за поставување и околу 800 илјади денари годишно за одржување“ рече Вирлиоз.

 

Градоначалникот Митко Јанчев, посочи дека на ова студија е работено во изминатите 8 месеци, а целта е да се добие квалитетно улично осветлување, како во градот, така и во населените места од општина Кавадарци.

 

„Во општината се поставени 3800 светилки. Оваа студија покажува дека е оправдана и се штеди електрична енергија. Целото улично осветлување ќе се следи 24 часа во онлајн центарот и веднаш ќе се интервенира и при најмали дефекти“ нагласи Јанчев.

 

На денешната седница беше усвоен и кварталниот извештај за извршувањето на буџетот, a и одлуки за прием на донација. Изградбата на кружниот тек е донација од винарска визба „Тиквеш“, а скопска фирма ќе донира две возила за кавадаречката полициска станица. Се усвои и програма за поставување на отоврени и затворени игралишта-скејт паркови, а советот ја усвои годишната сметка и извештајот за работењето на ЈП Комуналец и на единиците кои се дел од ова ЈП.

 

Aнгел Данов



Share

Додади коментар