Невработеноста во Кавадарци во континуитет опаѓа, велат од кавадаречкиот центар за вработување и во моментов невработеноста е 10 отсто или работа бараат 2216 лица. Раководителот на центарот, Благој Борисов на денешната прес конференција нагласи дека Кавадарци е на прво место по бројот на вработени.
Тој информира дека во овој момент нема ниту еден порофесор по физика кој чека вработување. Исто така дефицитарни се градежните, електро и машинските инжинери и лекарите. Најмногу конкуренција при вработувањето има помеѓу дипломираните економисти, правници и агрономи.
Најголем работодавач е германската фабрика Дрекслмаер. Таму во моментов се вработуваат 6600 лица и секој четврток се вршат интервјуа за нови вработувања. Во Дрекслмаер работат околу 3000 кавадарчани, а останатите вработени се од околните општини – информира раководителот на Центарот за вработување.
Тринаесет мерки за вработување се сеуште актуелни и невработените можат да аплираат за кредитирање.
„Мерката „самовработување со кредитирање“ се спроведува во десет години во континуитет и досега ја искористиле 208 лица. Слаб интерес се бележи за обука за напредни ИТ вештини иако за оваа струка се даваат големи плати“ рече Борисов.
Актуелни се и мерките за самовработување со кредитирање за млади до 29 години, кредитирање на правни субјекти. Исто така на располагање се и обуки кај познат работодавач, обука на работно место со субвенционирано вработување, за странски јазици, за основни компјутерски вештини.
Aнгел Данов

Додади коментар