20 пожари се евидентирани во територијалната противпожарна единица во Кавадарци од почетокот на годината до денес, а најчести се пожарите на објекти поради неисчистени оџаци, информира командирот Илчо Богевски.
-Постои златно правило за сите оние кои се греат на дрва во домаќинствата дека оџаците треба да ги чистат најмалку три пати годишно и тоа на почетокот, средината и крајот на грејната сезона. Можно е некаде да има потреба и од дополнително чистење на оџак, зависно од материјалот од кој е изграден-нагласува Богевски.
Тој открива дека пожари избувнуваат особено кај оџаци во колективни станбени згради во кои станарите немаат заеднички јазик околу самото чистење на оџаците.
Последните два пожара се случиле во текот на вчерашниот ден. Во првиот случај се запалил струјомер во објект а во вториот, пожарот бил предизвикан од неисчистен оџак. Командирот апелира граѓаните да не ги оставаат возилата паркирани паралелно во тесни улички зашто непрописно паркираните возила честопати го отежнуваат движењето на противпожарните возила.
С.Д

Додади коментар