Поголем, за 1,06 отсто е бројот на матуранти пријавени за полагање државна матура оваа година во однос на минатата. Двата екстерни предмета, на 8-ми и на 11 јуни, ќе ги полагаат 19.289 ученици кои завршуваат средно образование.
Во сабота ќе биде тестот по првиот, задолжителен предмет - мајчин јазик (македонски, албански или турски) и литература, кој ќе почне во 10 и ќе трае четири часа.
Според податоците на Државниот испитен центар, македонски јазик и литература ќе полагаат 12.561 матурант, односно 1,42 отсто помалку од лани. За тестот по албански јазик и литература се пријавени 6.137 ученици, што е 5,97 отсто повеќе од учебната 2011/2012, а пораст од 5,11 проценти има и на апликациите за тестот по турски јазик и литература, односно 432 матуранти.
Вториот предмет од испитот е изборен и ќе се полага во вторник, 11 јуни, од 10 часот, во траење од три часа. Како и во минатите години, помал е интересот за математика отколку за странските јазици. За математика основно ниво пријавени се речиси исто како лани (0,05 отсто повеќе) односно 2.184, а само 13 ќе полагаат математика напредно ниво, што е помалку за шест матуранти или пад за 31,9 отсто.
Кај странските јазици, зголемен одѕив има за англиски и германски, а намален за француски и руски јазик. Англиски ќе полагаат 16.498, односно 1,59 отсто повеќе од лани, а тест по германски ќе полагаат 212, што е 42,2 отсто повеќе од минатата година. Според директорот на ДИЦ Јусуф Арифи, зголемениот интерес за германски се должи на кампања со обуки и советувања од Институтот Гете. Кај францускиот јазик, пак, бројот на пријавени е опаднат - 188 матуранти, 36,2 проценти помалку од 2011/2012. И за тестот по руски јазик има послаб интерес, ќе го полагаат 46, т.е. 20 помалку од лани, што е опаѓање за 30,3 отсто.
Матурантите од училиштата на уметностите за изборен предмет ги имаат филозофија и естетика. За 50 проценти има помалку пријавени за филозофија, 12 наспроти ланските 24 ученици, а 76 или повеќе за 22,5 проценти од лани се пријавени за тестот по естетика.
Испитите ќе ги набљудуваат околу 2.000 тестатори. Првите резултати се очекуваат за еден месец. Незадоволните кандидати имаат можност за приговор кој, како и лани, ќе чини 1.000 денари.
Матурантите кои нема да ја положат државната матура или ќе положат само еден предмет во јунскиот испитен рок, ќе имаат втора можност на следниот испитен рок - на 13 август мајчин јазик и на 15 август изборниот предмет. Годинашната е шеста генерација која полага државна матура од нејзиното воведување. Таа е услов за матурантот да продолжи со високо образование.
Додади коментар