По 2000 денари ќе добијат семејствата кои од први септември ќе имаат прваче запишано во учебната 2022/23 година. Ваква одлука донесе мнозинството во советот на општина Кавадарци во рамки на редовната 15 – та седница, на предлог на претседателот на советот д-р Стојанчо Рамов. Според информациите на општина Кавадарци годинава ќе бидат запишани околу 360 првачиња.
Советничката група на СДСМ поднесе амандман со кој бараше семејствата со пониски приходи да добијат по 6000 денари, а граѓаните кои имаат поголеми примања по 2000 денари. Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ по амандманот гласаше воздржано Ја поздрави ваквата иницијатива за поддршка на семејствата со првачиња и беше нагласено дека во наредните години овој еднократен надомест може да се менува. За амандманот на СДСМ гласаа 8 советници, а воздржани беа 11.
На денешната седница едногласно беа донесени одлука за распределба на средства во буџетот, измени и дополнувања на програмата за локален економски развој на општина Кавадарци за 2022 година и одлуки за сопствено учество на општината во проектот „зајакнување на капацитетите на ТППЕ во општините Кавадарци, Велес, Неготино и Свети Николе, преку набавка на високо професионални специјализирани возила согласно европските стандарди и во проектот „Изградба на водоводна и канализациона мрежа и реконструкција на каптажите во Моклиште“.
А.Д

Додади коментар