Производителите на грозје ја утврдија цената по која ќе можат да ги покријат трошоците за производство. За родот од годинашнава реколта бараат 15 денари за црното грозје и 13 за белото. Ваквите пресметки не им се допаѓаат на винариите. Тие и годинава сакаат да наметнат пониска откупна цена и од минатогодишната. Биле расположени да платат само 12 за црното и 10 денари за белото грозје.
„Ние направивме пресметка колку чини производството на килограм грозје. Цените што ги бараме можат да ги покријат трошоците за производство. Она што го нудат визбите е поиниска цена и од минатогодишната која беше 13 денари за црно и 11 за белото“ вели претседателот на „Агротиквешија“ Љупчо Аризанов.
Тој информира дека досега се одржани три состаноци со винарските визби и министерот за земјоделство. За наредниот понеделник била договорена нова средба на која повторно на дневен ред се откупните цени на винското грозје.
Лозарите не се задоволни од понудената цена на визбите. Бараат државата да се вклучи и годинава и да се формира загарантирана откупна цена која нема да им направи хаос во производството.
Ангел Данов
Додади коментар