Кавадаречкиот совет на денешната редовна седница го усвои ребалансот на буџетот. Како што е наведено во образложението, Ребалансот како во приходниот дел на Буџетот така и во расходниот дел претрпи зголемување во износ од 36.094.000 денари, со што Буџетот како во приходниот така и во расходниот дел се сведе на ниво од 1.113.549.000 денари.
Опозицијата забележа дека буџетот бил нереално планиран, па и затоа се оди на ребаланс, додека советникот Јован Златевски рече дека е подобро да има почестo ребаланс, бидејќи во оваа криза тешко може да се планираат трошоците.
Градоначалникот Митко Јанчев во својата дискусија посочи дека со општинските служби на дневна основа се следат економските состојби во државата и се носат соодветни заклучоци.
„Планираме да ја пребродиме оваа крива. Нема да има намалување на програмата за комунална изграба, а нема да се намали ниту хигиената во градот“ рече градоначалникот.
Советот на денешната седница донесе одлука и за покачување на цената на водата за 2 денари по метар кубен. За Левица и СДСМ ваквата одлука не била во ред, но од мнозинството нагласија дека покачувањето е по насоки на РКЕ и е во момент кога цените на сите енергенси се драстично покачени. Директорот на ЈП Комуналец, Орцо Клинчаров рече дека се работи за минимално покачување, а е потребно да се направи во овој момент, бидејќи цената на струјата и нафтените деривати се драстично поскапи.
Едногласно поминаа и измените на програмата за манифестацијата Тиквешки гроздобер. Третата вечер од гроздоберот главна музичка ѕвезда ќе биде Горан Бреговиќ со неговиот оркестар.
Се донесе програмата за изградба на типска спортска сала во училиштето во село Сопот, одлука за меѓу општинска соработка помеѓу Кавадарци и Велес, одлука за примање донација од компанијата Кожувчанка, годишните планови за вработување на домот на културата, музеј галеријата, СОЗШУ „Ѓорче Петров“, ООУ „Тоде Хаџи Тефов“ и на ЈП Комуналец.
Претседателот на советот д-р Стојанчо Рамов најави дека службите ќе направат анализа колку првачиња ќе има од први септемри, по што ќе се одлучи колкав надомест ќе биде издвоен од општината за поддршка на првачињата.
И на денешната седница советниците имаа можност да поставуваат советнички прашања до градоналалникот. Советникот Јован Златевски најави формирање на нови здружение кое ќе работи на заштита на правата и интересите на лозарите.
Додади коментар