Пред 13 години, 20-годишниот Блашко Толев, редовен војник во АРМ од кавадаречкото село Марена загина во нападот што го извршија албанските терористи со минофрлачи од 120мм од Гајре, врз безбедносниот пункт под тетовското Кале, во клисурата на реката Пена. Тој бил тешко повреден од минофрлачки проектил, но на пат кон болница починал. Толев беше 34 -та жртва во редовите на АРМ и на македонската полиција од нападите на терористите во 2001 година, а прва жртва во овој воен конфликт од кавадаречко.
Денеска по повод 13 годишнината од неговото загинување на спомен бистата во родното село Марена свежо цвеќе положија неговиот татко, братот со семејството и останати роднини, делегации од локалната самоуправа, месната заедница, претставници на АРМ од гарнизоните Криволак и Тетово, здружението на борци Кавадарци, претставници од здружението на бранители Бедем и здружението на армиски ветерани Кавадарци.
Актерот во кавадаречкиот театар и резервист, храбро застанат на браникот на татковината во 2001 –та , Александар Малинков, денеска пренесе сведочење за тоа како згаснал младиот живот на Толев.
„За неколку дена требаше да заврши отслужувањето на воениот рок на Блашко. Во тој момент тој не е на служба. Тие се на безбедно. Момчето ми кажа дека колегите и другатрите со кои се дружеле и заедно војувале, Блашко сакал да ги почести со сокче, од спротивната страна започнал минофрлачки напад. Блашко веднаш станува да оди на позиција на минофрлачот. Командирот му рекол седи, не си ти на распоред. Има посада, подготвени луѓе. Но тој рекол, не, јас ги знам и нивните позиции и моето оружје. За неколку дена ќе си одам и за последно сакам да им возвратам. Влегува во ровот. Исфрла една минофрлачка граната.Ставајќи ја втората граната, „добриот“ терористички нишанџија го погодува во ровот. По кажување на детето сведок, на миноврлачката позиција Блашко влегол подготвено, со шлем, со панцир, но еден од шрапнелите го погодува директно во артерија каде тешко има помош. Пружена му е помош , но за неколку минути згаснува тој млад живот. “ раскажа Малинков и порача никогаш да не се заборави хероството на овој млад војник, а и никогаш да не се поврори воениот конфликт.
Ангел Данов

Додади коментар