11-та седница на кавадаречкиот совет: Донесени повеќе значајни одлуки
31-05-2022 РЕГИОН

Од први септември децата од социјално ранливи семејства  и чии родители имаат плата под просечната ќе се згрижуваат во градинка без да плаќаат надомест, ова е одлуката што денеска ја донесе кавадаречкиот совет, а која што е условена и со редовно сервисирање на обврските за блок дотации од министерството за труд и социјална политика. Иницијативата за ослободување од надоместок за детска градинка ја поднесе советникот од Левица, Круме Богевски, а советот водеше долга дебата околу прифаќањето на истата и импликациите кои ќе ги донесе по буџетот.

 

На седницата поминаа измените на програмата за изработка на урбанистички планови, како и одлуката за ДУП за урбана единица „Бриони“ за плански период 2020-2025 година. Поминаа и измените и дополнувањата на годишниот план за вработување на општина Кавадарци за 2022 година.

 

Советниците ги разгледаа и усвоија извештаите за работењето на ЈП за стопанисување со спортски објекти „Јасмин“, за јавни паркиралишта „Паркинг“ Кавадарци и ЈП Комуналец.

 

На денешната единаесетта седница се донесе одлука за определување на име на инфраструктурен објект на кружниот тек кој ќе се именува по првиот загинат војник при распадот на СФРЈ  Сашко Гешовски. Ќе биде изработено идејно решение за поставување на спомен обележје на Гешовски.

 

Советот едногласно го усвои елаборатот за проценка на штета од мраз, слана и ниски температури во општина Кавадарци во деновите 08, 09 и 10 април минатата година.

 

А.Д



Share

Додади коментар