Со свечена академија и полагање на свежо цвеќе на неговата биста денека Кавадарци одбележа 100 години од раѓањето на Никола Минчев, една од најзначајните личности од поновата историја за тиквешкиот крај и за Македонија.
На свечената академија се говореше за животот и делото на Минчев. Потекнува од угледно семејство Минчеви кое под притисок на злогласниот Али Паша Јанински кон крајот на 18 век го остава богатиот имот во Егејска Македонија и се преселува во Кавадарци. Неговиот животен пат е исполнет со многу бурни настани како во времето на НОВ и револуцијата така и во времето на повоената изградаба се до времето кога ги вршеше највисоките функции во поранешна Југославија и Република Македонија .
Никола Минчев уште во 1941 година активно се вклучува во напредното антифашистичко движење и со Киро Крстев го води секторот Народен фронт на Месниот комитет во Кавадарци. Во 1943 година е првиот командант на Тиквешкиот партизански одред „Добри Даскалов“, делегат е на Првото заседание на АСНОМ и член на Президиумот, прв министер за просвета во Република Македонија кој ја има честа да ја потпише првата македонска азбука и првата македонска граматика. Бил горд што може да учествува во изградбата на образовниот систем во Република Македонија, лично сметал дека со помош на образованието на македонски јазик ќе се придонесе во стручно и интелектуално развивање на македонските високошколски кадри. Минчев- вели историчарот Петре Камчевски многу добро знаел дека образованието и литературата на македоснки јазик се темелот врз кој ќе се доградува македонската нација и успешно ќе се брани од сите Букурешки договори и пропаганди.
Пет години е министер за финансии во владата на ФНРЈ се до 1965 година кога е именуван за претседател на Владата на Република Македонија а од 1968 до 1974 година ја врши функцијата претседател на Собранието на Република Македонија и член на Советот на Федерацијата.Во времето кога ги извршуваше најголемите политички и извршни фунции се формира МАНУ, завршуваше изградбата на скопската железарница, Фени и многу други капитални објекти што претставува еден од најдобрите периоди во развојот на Македонија.
На 50 годишнината од формирањето на одредот „Добри Даскалов“ во неговиот говор ќе истакне: „Кога излеговме во партизани ние бевме наполно свесни дека ниту ние сме ја почнале вековната борба на македонскиот народ, ниту пак ние ќе ја завршиме. Таа и во иднина ќе се води само сега со нови форми и содржини кои новите времиња ќе ги бараат “ вели Петре Камчевски советник историчар кој на свечената академија ќе говори за животот и делото на Никола Минчев
Како благодарност за се што направил за својата земја и за својот роден град во 2013 година во Паркот на револуцијата во Кавадарци е откриена биста на Никола Минчев а еден од главните булевари во градот го носи неговото име.
Додади коментар