Со 11 гласа „за“, 5 „против“ и 1 „воздржан“ кавадаречкиот совет денеска во рамки на 10-тата седница го усвои кварталниот извештај за извршувањето на буџетот во првиот квартал од 2022 година.
На денешната седница советот донесе одлука и за трансфер на финансиски средства од буџетот на општина Кавадарци во висина од 6 милиони денари кон ЈП за јавни паркиралишта Паркинг, со што почнува постапка за набавка преку лизинг на четири автобуси кои ќе извршуваат јавен превоз и превоз на ученици.
Општина Кавадарци за превоз на ученици годишно имаше трошок од 15 милиони денари. Опозицијата гласаше против оваа точка, со образложение дека автобусите треба да се купат со сопствени средства на општината, а не преку лизинг. Градоначалникот Митко Јанчев даде појаснување дека јавниот превоз и превозот на ученици ќе започне да се реализира од септември годинава. Информира дека во општина Кавадарци има 19 автобуски постојки, а уште 15 ќе бидат изградени. Автобусот ќе биде достапен на секоја постојка за триесетина минути, секој работен ден, освен недела во периодот од 7 до 19 часот. ЈП Паркинг добива уште една надлежност, со која треба да обезбедува приходи во своето работење.
Штрајкот во образованието ги подели советниците. Советникот Павле Маневски од СДСМ побара советот како дополнителна точка на дневен ред да расправа за прекинот на наставата, но овој предлог не беше подржан од мнозинството во советот, со образложение дека советот неможе да помогне во надминување на овој проблем. Советникот Ристо Сакалиев предложи и да се обезбедат наставници кои ќе работат на завршување на учебната година, со цел учениците да не трпат последици од штрајкот. Бидејќи предлогот да се расправа за овој проблем не помина, советничката група на Сакалиев ја напушти седницата.
Градоначалникот по однос на прекинот на наставата изнесе личен став дека учениците треба час поскоро да се вратат на настава и да се доврши годината, но тој лично не може да влијае на таквата одлука.
Со одлука на советот општината со сопствени средства ќе го реализира проектот за реконструкција на локалниот пат во село Бохула, реконструкцијата на водовод за населба „Ресавски залив“ и изградба на сервисна улица „Ваљко Влаховиќ“.
И годинава општината ќе субвенционира набавка на велосипеди, а се одобрија и финансиски средства на здружението „Тиквешки семејни винарии“.
На денешната седница беше дадена согласност и на годишните планови за вработување во 2023 година во училишта во Кавадарци, а советниците имаа можност да поставуваат советнички прашања до градоначалникот.
Ангел Данов
Додади коментар