„Тиквеш“ инвестира во опрема за производство на врвни вина
11-09-2014 РЕГИОН

Нова инвестиција вредна половина милион евра во екот на бербата денеска претстави винарската визба „Тиквеш“. Инвестицијата се однесува на опрема за производство на врвни вина по традиционални начини на ферментација користени во минатото во овој крај но и најнови трендови популарни во Франција, Италија, Шпанија и САД.

 

Генералниот директор на „Тиквеш“, Игор Илиевски нагласи дека средствата се вложени во набавка и монтажа на посебни танкови за ферментација на грозје и производство на врвни вина со уникатен карактер.

 

“Станува збор за танкови кои се со мали димензии и овозможуваат обработка на грозје по реони и следење и контрола на квалитетот на виното уште додека е во фаза на ферментација.  Споена е традиционалниот метод на ферментација која се користела во минатото во овие краеви и нови трендови популарни меѓу големите производители во областа Бургундија во Франција, САД, Шпанија и Италија. Трендот на употреба на овој вид танкови за производство на висококвалитетни вина во светски рамки е се поизразен.“ рече Илиевски и нагласи дека „Тиквеш“ со најновата инвестиција  ја потврдува долгорочната посветеност во производството на уникатни вина со автентичен карактер.

 

И Илиевски се согласува дека годината беше исклучително лоша за производство на квалитетно грозје, но најави дека се подготвени да произведат квалитетно вино. Рече дека цената е на минатогодишно ниво, а ќе откупат и преработат олколу 18 милиони килограми винско грозје.

 

Ангел Данов



Share

Додади коментар