Општина Кавадарци ги започнува подготовките за годинашнава стопанско-туристичка и културна манифестација „Тиквешки гроздобер“. Програмата е веќе доставена до советниците и истата е на дневен ред на 59 седница закажана за во вторник.
Согласно програмата, годинава Тиквешки гроздобер ќе се одржи на 7, 8, 9 и 10 септември. На седми советот ќе одржи свечена седница по повод денот на ослободувањето на Кавадарци, а потоа ќе следи концерт посветен на песната на легендарниот Никола Бадев.
Официјалното отворање на гроздоберот е предвидено за 8 септември од 12 часот со изложба во музеј галеријата, а од 13 часот ќе се дегустираат грозје и вина на градскиот плоштад. За вечерта се планирани концерти на „Чили плеј бенд“ и „Нокаут“, а на полноќ ќе се избираат крал и кралица на гроздоберот.
За сабота 9 септември во програмата е планирана таблијадата, приемот на делегации од градоначалникот и вечерта карневалското дефиле и уметнички перформанс. Потоа за присутните на манифестацијата целовечерен концерт ќе има Северина.
За последниот ден од гроздоберот се планирани настапи на ДЏ Никифор и Депеш мод – трибјут.
Годинава организаторот на манифестацијата пресметал дека ќе бидат потребни близу шест милиони денари за да се реализираат планираните активности за манифестацијата. Општината има обврска да покрие 4 милиони денари, а останатите финансии да ги покријат локалните компании.
Останува советот во вторник да се изјасне по вака концепираната програма за годинашниот Тиквешки гроздобер.
Ангел Данов

Додади коментар