Кавадаречката градинка згрижува двојно повеќе деца од капацитетот што го има
12-09-2016 РЕГИОН

И понатаму се бара место повеќе во детската градинка „Рада Поцева“ во Кавадарци. Постоечките капацитети неможат да ги згрижат сите деца за кои родителите имаат поднесено барања.  Немањето доволно простор е главен проблем на кавадаречката градинка, со кој се соочува подолг период.

 

На последната седница кавадаречкиот совет одлучуваше по барањето на градинката за давање на согласност за формирање на групи со зголемен број на деца. 

Во барањето, од градинката беше нагласено дека располагаат со 5 објекти со капацитет за 560 деца, а со уписот во новата воспитна година 2016/2017 опфатени се 1060 деца. Се бараше согласност од општината за зголемување на групите,  бидејќи  капацитетот по формирани групи бил за 560 деца. И понатаму голем бил бројот на барања од родителите за прием на нови деца, но тешко можело да се реализираат истите.

 

„Детската градинка, како сериозна установа која се грижи за воспитувањето, правилниот раст и развој на децата, се грижи и за нивната безбедност која треба да биде безгрижна, како за нив, така и за нивните родители, додека нивните деца се згрижени кај нас. Со зголемениот интерес од страна на родителите за нивните деца да бидат згрижени во градинка, а судрени со проблемот на капацитетите на објектите со кои располагаме како градинка, се обраќаме до вас, како надлежна институција да ни дадете согласност за прием на зголемен број на деца, кои ќе бидат прифатени во нашата установа, но пред се да се водиме од безбедносниот момент на нашите најмили и да ставиме акцент на податокот дека во градинката се згрижени деца чии процент го надминува сто отсто капацитетот на градинката“ стои во писменото барање што градинката го упати до советот.

 

Во истото се нагласува дека сегашната состојба со зголемениот број на деца по групи,  укажува дека неможе да се изврши прием кој би го ублажил проблемот и би ги задоволил барањата на родителите  кои се соочуваат со потребата за згрижување на своите деца во објектите и групите во градинка.

 

Советот на општината позитивно одговори на барањњето од градинката. Советниците од опозицијата забележаа дека иако било ветувано дека ќе се изгради комплетно нова градинка, тоа ветување не било исполнето. Тие апелираа изградбата на нова градинка во Кавадарци да биде приоритет за локалната власт.

 

Во моментов интензивно се работи на реконструкција на старата лабораторија лоцирана во кругот на Здравствен дом Кавадарци. По завршувањето со реконструкција, објектот ќе биде адаптиран за детска градинка и во него според првичните информации ќе бидат згрижени стотина дечиња.   

 

Додека општината изгради нов објект за градинка, групите со деца во постоечките објекти ќе бидат неколку кратно над реалниот капацитет на градинката. Родителите сметаат дека со значително зголемениот број на деца се отежнува и работењето на воспитувачите, но се приморани децата да ги носат во градинка бидејќи додека тие се на работа нема кој да се грижи за нивните најмили.

 

Aнгел Данов



Share

Додади коментар