(ВИДУВАЊЕ) Грозјето, виното и Свети Трифун на момент ги обединија граѓаните и политичарите во Кавадарци
15-02-2018 РЕГИОН

 

Како никогаш порано, на едно место, во исто време, во чест на лозарите, вчера во Кавадарци беа претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев. Тие заедно со градоначалникот Митко Јанчев кренаа здравица за бериќетна година и богат род. Оваа слика долго ќе се памети сооглед на фактот дека Кавадарци и лозарите направија спој помеѓу политичките различности. Овој гест беше поздравен и од повеќе амбасадори, а е вистински поттик за понатамошно обединување на разликите кои ги делат македонските граѓани по партиска припадност.

 

Никогаш досега во Кавадарци за време на чествувањето на грозјето и виното лозарите не биле удостоени од вака високи гости во исто време. Кавадарчани сметаат дека ова се должи на пристапот на градоначалникот, кој сака Кавадарци повторно да го потврди епитетот најгостопримлив град и град каде граѓаните се едно.

 

 

 Кавадарци вчера за прв пат направи манифестација во чест на грозјето, виното, лозарите и винарите која беше професионално организирана. Доминираше виното, како производ од симболот на овој крај – грозјето. Присутните гости имаа можност да дегустираат квалитетни вина но и други преработки од грозјето. Чинот на закројување масовно беше проследен од лозаро прозводителите, сите рамо до рамо без разлика на политичката припадност. Не се разговараше за политика. Се менуваа искуства како да се добие квалитетен род, но и како да се постигне навремена исплата на грозјето.

 

Лозарите се единствени. Грозјето треба да биде прогласено за стратешки производ и да добие многу посериозен третман од државата. И луѓето од науката го делат истото мислење.

 

„Грозјето треба да биде прогласено за стратешки производ како што е тутунот. Потребна е стратегија за развој на лозарството“ смета проф-д.р Ристо Вучков.

 

 

 

Во Кавадарци се формира ново здружение на лозарите кое ќе ги застапува исклучиво интерсите на лозарите. Здружението има целосна поддршка и од градоначалникот Митко Јанчев, со цел да се изнајдат решенија за подобра иднина на лозарството.

 

Вчера Кавадарци во текот на целиот ден празнуваше. На централната сцена настап имаа фолклористите од ФА „Тиквеш“, балетската група „Венус“ и локални бендови. Прославата кулминираше со целовечерниот концерт на легендарниот Владо Јаневски.

 

Се` на се` вчера Кавадарци се покажа како вистински гостопримлив град и локална власт која лозарството го гледа како приоритет на општината.

 

Ангел Данов



Share

Додади коментар