КТВ , петок, 26 јануари 2018 19:29
Со посебни мерки лозарите да бидат обесштетени од државата за старите долгови од визбите. До јуни годинава подрачната единица на министерството за земјоделство да се произнесе за очекуваните количини на грозје, а визбите за планираните количини за откуп. Цената на килограм грозје да се утврди согласно трошоците за производство и просечната нето плата во земјава. За секој килограм грозје визбите да дадат банкова гаранција или државата да даде гаранции. Ова се заклучоците што лозарите ги донесоа на вечерашнава трибина организирана од новото здружение на лозарите, градоначалникот Митко Јанчев, а на која присуствуваа и претставници на владата, на институции и пратеници од Кавадарци.
Трибината помина во напната атмосфера поради големото незадоволство кое владее кај лозарите поради неисплатеното грозје, неисплатените субвенции и обесштетувањето за штетите од пролетните мразови.
Директорот на платежната агенција Николче Бабовски ги информира присутните лозари дека лозарите и овоштарите од Кавадарци и Росоман се први на списокот кои ќе ги добијат субвенциите за 2017 година во најкраток рок.
Советникот за земјоделство во владата, Ленче Николовска нагласи дека револтот на лозарите е оправдан бидејќи проблемите во лозарството се таложеа со години, а производителите беа неми посматрачи. Таа ги информира лозарите дека е изготвен законот за зелена нафта, со кој земјоделците ќе добијат 50 отсто поевтина нафта и оваа мерка ќе биде стартувана во текот на годината .
“Се бориме визбите да ви го исплатат гројето. Ја откочивме исплатата на субвенциите бидејќи исплатата беше закочена од претходната влада. Формиравме комитет со кој ќе раководи премиерот Зоран Заев со цел унапредување на состојбите во земјоделството и никогаш повеќе да нема купени, а не платени производи. Исто така правиме напори да се направи ревизија на кој начин е поделена државната земја“ рече меѓу другото Николовска.
Најчестите прашања од лозарите беа кога ќе им биде платено грозјето од Стефани винарија и Повардарие. Често тие во своите дискусии негодуваа околу манипулациите кои се прават на нивниот грб. Исто така побараа и грозјето како тутунот да биде стратешки производ.
Директорот на инспекторатот за земјоделство Јане Станкоски ги информира присутните лозари дека институциите ја следат состојбата со винарија Стефани. Биле во тек со обидот сопственичката винаријата да ја пререгистрира во Гостивар а виното да го однесе во Валандово. Бидејќи е странски државјанин за неа бил известен и Интерпол.
Свои дискуии и предлози имаа и пратениците Панчо Минов и Весна Пемова. Нагласија дека и нивните заложби се во насока на подобри состојби во лозарството.
Ангел Данов
Додади коментар