Со 12 гласа „за“ и 5 „против“ кавадаречкиот совет денеска го усвои кварталниот извештај за трошењето на општинските пари во вториот квартал од годината. Остварувањето на вкупните приходи по сите основи за периодот од 1 јануари до 30 јуни годинава е во износ од над 281 милион денари во однос на планираните 854 милиони или 32,92% од планираното.
Советниците од опозицијата забележаа за слаба реализација на буџетот.
Според советникот Зоран Бањански секоја година откако биле на власт ВМРО-ДПМНЕ лагите излегувале на површина.
„Колеги од ВМРО лошо ја менаџирате општината и државата. Има комплетна нефункционалност на општината, а државата е окупирана од паријата“ рече Бањански.
Советникот Сашко Петров забележа дека ништо не функционирало во општината.
Наспроти забелешките од советниците од опозизијата, советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Јованчев нагласи дека реализацијата на буџетот од околу 33 проценти била добра и затоа тие ќе го подржеле кварталниот извештај.
Говорницата се искористи и за обвинувања помеѓу опозицијата и власта за политичко профитирање. Се спомена маката на лозарите и кој бил виновен за продажбата на винаријата „Тиквеш“
Советниците на денешната седница едногласно донесоа одлука за доделување на книги и останати материјали за неколку училишта во градот. Беше донесен општ акт за населеното место Чемерско, а беа усвоени и измените и дополнувањата на програмите за поставување на урбана опрема и за развој на општината.Се донесоа и неколку урбанистички одлуки.Советот позитивно се изјасни и по правилниците на Комуналец за внатрешна организација, систематизација на работните места и за основната плата и додатоците на плата.
Со одлука на советот за време на стопанско туристичката и културна манифестација Тиквешки гроздобер работното време на угостителските објекти се продолжи за два часа.
Во рамки на денешната седница се даде согласност за зголемување на бројот на деца по воспитни групи за воспитната 2016/2017 година во детската градинка „Рада Поцева“ по барање на градинката.
Опозицијата упати критики на адреса на градоначалникот дека иако повеќе пати се ветувала изградба на нова градинка, таа не се изгради. Според опозицијата, изградбата на објект за градинка во кругот на Здравствен дом, не е решение.
Детската градинка има пет објекти со капацитет за 560 деца. Во новата воспитна година се опфатени 1060 деца, број кој е далеку од тој што може да го опфати градинката, а сеуште бил голем бројот на барања од родителите за прием и на нови деца.
Советот го усвои и годишниот план за вработување во градинката.
Ангел Данов

Додади коментар