(ВИДЕО) Се гради нов мост во Ваташа, ќе се проширува и патот пред и после него, a ќе се уредува и кејот
24-09-2018 РЕГИОН

 

 

Во селото Ваташа интензивно се работи на изградба на нов мост и проширување на патот пред и после мостот. Се работи за мошне значаен проект со кој ќе се подобри безбедноста во сообраќајот на овој дел од општина Кавадарци, констатираа денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски, директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов и градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев по увидот на градежните работи.

 

„Овој проект е од огромно значење за жителите на Ваташа и го реализираме на нивно барање. Како што забележавме, градежните работи се одвиваат добро и очекуваме новиот мост да биде завршен во предвидениот рок. Инвестицијата е во вредност од околу 480 илјади евра, а средствата се обезбедени од буџетот на ЈП за државни патишта. Во делот на изградбата и реконструкцијата на патната мрежа, сакам да споменам дека набрзо ќе започне да се реконструира регионалниот пат Кавадарци – Росоман, информираше Сугарески.

 

     Исто така во тек е изградба на експресниот пат од Градско до Прилеп, а до ноември оваа година се очекува да биде завршена рехабилитацијата на автопатска делница Неготино – Демир Капија. Сето ова е, како што нагласи, дел од најавениот голем инвестициски циклус во патната инфраструктура.    

 

     Во моментов низ целата територија на Република Македонија се работи на реализација на проекти во висина од преку 800 милиони евра, што е историски највисока инвестициска програма за подобрување на квалитетот на патната мрежа во државата. Ова претставува доказ дека сме максимално посветени на изградба на квалитетна патна инфраструктура, со која од една страна ќе придонесеме за брз и безбеден транспорт на стоки и патници, а од друга страна ќе стимулираме пораст на БДП и ќе создадеме услови за економски раст на земјата, соопшти министерот.

 

 

Директорот на ЈП државни патишта посочи дека постоечкиот мост во Ваташа е доста оштетен и опасен за понатамошна употреба, а и патот до мостот и после него е со незгодна кривина каде се случени повеќе сообраќајни незгоди.

 

„Се посветивме и на општина Кавадарци и го решаваме овој проблем. Новиот мост треба да биде завршен во февруари месец. Ќе се санира и речното корито во должина од околу 180 метри, како и пристапниот и излезниот пат на самиот мост кој ќе биде и променет. Ќе има модерен пат и мост и поголема безбедност, рече Китанов.

 

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев го потенцира значењето на овој проект како за Ваташа така и за општината. На нашето прашање околу изградбата на кејот на реката, градоначалникот посочи дека тендерот е во тек и ќе се уредува речното корито од последниот мост до зградите „Силекс“.

 

Aнгел Данов

 



Share

Додади коментар